20 Април, 2024
0.0337

„Македонската економија во двоен шок – каде се движиме? “

Објавено во: Економија 25 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

На настанот беа поканети сите релевантни институции, лидери на политички партии, коморите и бизнис секторот. Македонската економија се наоѓа во еден неизвесен период. Енергетската криза којашто ја зафати Европа, заради војната во Украина, се пренесе врз македонската економија. Македонија е нето увозник на храна што е голем ризик и ја прави ранливоста уште поголема. 

Прогнозите на меѓународните институции (ММФ, СВ, ЕБОР, ЕК) покажуваат низок раст на македонската економија од околу 2,6% во 2023 година и 3,2% за 2024 година, но, прогнозите за инфлацијата се дека истата ќе ја одржи високата стапка и во 2023 година до 7%, пред да се намали на околу 3% во 2024 година. Во прогнозираниот период од две години, се очекува намалување на домашната побарувачка во услови на висока инфлација и континуирани нарушувања на понудата. Истите ќе тежат врз приватната потрошувачка и инвестициите на компаниите. Во најава се даночни реформи, кои ќе значат и повисоки даночни обврски за населението и фирмите. Од друга страна, фискалниот простор веќе е ограничен. Јавниот долг од ковид кризата наваму е значајно зголемен и се зголемуваат трошоците за негово финансирање. 

Затегнувањето на монетарната политика ќе ги зголеми трошоците за задолжување на приватниот сектор. Дополнително, надворешното опкружување се влошува. ЕУ и еврозоната ќе бидат во техничка рецесија оваа зима, а Германија, нашиот најголем трговски партнер, ќе биде во рецесија. Ова ќе влијае на македонскиот извоз, особено на автомобилската индустрија. Трговскиот дефицит се очекува дополнително да се влоши бидејќи капацитетите за производство на железо и челик се затвораат како одговор на високите цени на електричната енергија, а цените на металите се намалуваат. Прогнозата на Европската комисија објавена овој месец упатува на неколку ранливости на македонската економија. 

Нарушената надворешна рамнотежа, високиот енергетски дефицит, енергетските проблеми кои предизвикуваат зголемени фискални трошоци, ниската реализација на капиталните расходи, структурните слабости на пазарот на труд, можното влошување на вработеноста и зголемените инфлаторни очекувања, се комбинација на шокови кои силно тежат на растот. Дополнително, заострените глобални услови за финансирање, забавувањето на домашната и надворешната побарувачка и слабеењето на довербата на бизнисот и потрошувачите ќе имаат потенцијално влијание врз финансискиот сектор (соопштуваат од Светската банка). Во вакво неизвесно опкружување, кога анализите на сите релевантни институции не се оптимистички улогите и одлуките на носителите на макроекономската политика и Владата треба да бидат мудри со цел предизвиците со кои се соочуваме да се претворат во предност и да донесат бенефит за опстанок и развој на земјата. Одлуките треба да направат преобразба – еволуција на слабост во јакост, еволуција на загубата во профит, еволуција на ризикот во успех. Накратко, потребна е “дијалектичка еволутивна економија” што е неопходна на нашата земја.

• Северна Македонија – Надвор од кризите – Jasmin Chakeri, Practice Manager and Sanja Madzarevic Sujster, Senior Economist – World Bank Претставниците на Светска Банка го презентираа „Редовниот звештај за Западен Балкан, есен 2022“. 

Главните наоди го покажуваат следното: 

• Опоравувањето од ковид кризата на почетокот на 2022 се одвиваше подобро отколку очекуваното. Растот се забележува во целата прва половина 2022 година, а причината за него може да се најде во високата потрошувачка и високите инвестиции. Сепак, во втората половина на годината забележано е намалување/успорување на растот за повеќето земји од Западен Балкан, освен Албанија и Црна Гора. Според наодите, македонската економија е доста слична со српската, меѓутоа била изложена на енергетската криза доста порано отколку Србија која има склучено договор со Русија по ова прашање. 

• Нивото на вработување достигна историски високо ниво. Причините за ова може да се најдат во враќањето на жените на пазарот на трудот и тоа во поголема мера отколку мажите. Исто така, невработеноста кај младите достигна досега најниска стапка од 27%.

 • Намалувањето на сиромаштијата продолжи и во 2022 година, со 144.000 лица кои го надминаа прагот на сиромаштија. 

• Зголемена е инфлацијата и истата до крајот на годината ќе биде двоцифрена во сите земји од Западен Балкан, освен во Албанија. 

• Финансискиот сектор се соочува со нови ризици. Веќе постои затегнување на условите за финансирање со цел да се „заузда“ инфлацијата. Во моментов овој сектор е стабилен, но оваа состојба ќе биде ставена на тест со намалувањето на растот и повисоката инфлација. 

• Фискалната консолидација е запрена поради енергетскиот шок. Индиректната понуда и побарувачка ќе претставува терет за регионот, додека реалниот аутпут ќе се намали. • Намалена е побарувачката за производи од државата 

• Продуктивноста е многу ниска

 • Со оглед на ситуацијата, земјите од Западен Балкан е потребно да продолжат со структурни реформи за да ја забрзаат економската трансформација. На краток рок, потребни се политики кои ги поддржуваат најранливите, кои ќе осигурат дека мерките се таргетирани и од времен карактер со цел да се минимизира фискалниот ризик. На среден рок потребно е (1) зголемување на нивото на пазарна конкурентност, (2) отстранување на влезни пазарни бариери, (3) подобрување на квалитетот на образованието, (4) намалување на бариерите за учество на женската работна сила, (5) подигнување на стандардите за управување, вклучително и дигитализација, и (6) забрзување на зелената транзиција кон по еколошко производство на електрична енергија, како и по еколошки модели на производство и потрошувачка. „Буџет 2023 и среднорочна фискална стратегија“ – Фатмир Бесими, Министер на Министерство за Финансии на Република Северна Македонија Министерот за финансии, Фатмир Бесими, го презентираше буџетот за 2023 година и среднорочната фискална стратегија. Министерот нагласи дека клучно е тоа што предложениот буџет за 2023 година се темели на цврстата определба за одржување макроекономската стабилност и натамошна фискална консолидација на среден рок, односно е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација, која ќе се спроведе постепено, а истовремено нема да му наштети на економскиот раст. Како цели на буџетот, тој ги издвои: (1) одговор на енергетската криза, (2) одржување на растот на среден рок, (3) фискална консолидација, и (4) спроведување на политики и реформи во однос на НАТО и пристапниот процес кон ЕУ. При тоа посочи дека тоа дава конзистентна и стабилна перспектива на нашата земја, особено на младите.

Министерот потенцира дека инвестициите, нови работни места, конкурентна економија е првична цел од која не се отстапува и целта е на среден рок растот да се зголеми. Економскиот раст, како што рече, во 2022 година е проектиран на 3,2 отсто, кој се очекува да се забрза и во периодот 2023-2027 година, согласно основното среднорочно сценарио, да достигне просечни годишни стапки од 5,4 проценти. Истовремено, додаде дека се преземаат мерки за постепена фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, за кој потенцира дека е важно што во 2023 година е помал од капиталните инвестиции, односно, ќе се позајмува само за капитални инвестиции. Во однос на јавниот долг, рече дека, 2022 година ќе ја завршиме со јавен долг под 60% од БДП. На среден рок се очекува стабилна макро финансиска рамка, односно стабилизирање на товарот кон стопанството и граѓаните. Имајќи ја предвид актуелната состојба со предизвиците кои произлегуваат од енергетската криза посочи на мерките што се преземени и дека се продолжува со таргетирани мерки за поддршка на граѓантие и стопанството. Министерот за финансии заклучи дека инклузијата е најдобриот модел за да се добијат најдобрите и најоптималните мерки и политики што треба да се спроведат во една земја, а се насочени кон целокупен напредок. • „Најнови макроекономски проекции и на Народна Банка на РСМ“ – Анета Крстевска, Главен економист од Народна Банка на Реублика Северна Македонија Г-а Анета Крстевска, главен економист на НБРМ ги презентираше октомвриските проекции кои прикажуваат влошен глобален контекст поради гео политичките тензии, посилно затегнување на глобалните услови за финансирање, како и нагласена променливост и неизвесност предизвикана од ситуацијата меѓу Русија и Украина. - Се очекува забавување на странската побарувачка со раст од 2,4% во 2022 и 0,3% во 2023 година. Ова се должи на послабата економска активност која се очекува од нашите трговски партнери, меѓу кои и Германија како најголемиот увозник на нашата стока. - Има нагорна ревизија кај странската инфлација, додека кај нафтата и металите се очекува пад во текот на 2023 година. Наредната година инфлацијата ќе продолжи да се стабилизира, но ризиците ќе бидат нагласени поради високите цени на примарните производи, војната и студената зима. - 80% од трговскиот дефицит може да се објасни со енергетскиот дефицит. - Инфлацијата во Македонија е различна и неспоредлива со инфлациите кои се случуваат во другите земји. Тоа се должи на различната структура на нашата економија. - Пристапот на постепено, но континуирано затегнување на монетарната политика, веќе дава ефекти на одредени пунктови, а се очекува ефектите да продолжат, во обем во кој тоа е можно при ваков тип на инфлација – инфлација на трошоци.

- Народната банка е одлучна во справувањето со инфлацијата и инфлaциските притисоци, имајќи предвид дека ценовната стабилност е основен предуслов за економски раст • „Ранливоста на македонската економија во услови на криза“ – Маја Кадиевска Војновиќ, предавач и поранешен вицегувернер и финансиски експерт Маја Кадиевска Војновиќ, поранешен вицегувернер на НБРМ, посочи дека во Македонија е нарушена внатрешната и надворешната рамнотежа. Македонија е веќе влезена во стагфлација, а според висината на годишната стапка на вкупна инфлацијата е на петто место во Европа. Исто така, базичната стапка на инфлација, којашто ги исклучува цените на храната и енергијата, како мерка за подолгорочната компонента на инфлацијата и за инфлациските очекувања во Македонија во октомври изнесува 9,2% и е речиси двојно повисока од 5,0% во еврозоната. Ова покажува дека не се само увозните или глобалните фактори доминантни (храната и енергијата), туку и домашните фактори ја разгореа инфлацијата. 

Од домашните фактори како најзначајни ги наброја и образложи следниве: 1. Континуираниот раст на трошоците за труд по едница производ во еден подолг временски период, во услови на раст на бруто платите и пад на продуктивноста, фирмите го пренесуваат на финалните цени. Тесниот пазар на труд за приватниот сектор, заради интензивното вработувањето во јавниот сектор (и во услови на кризи) и негативните демографските процеси (намалувањето на работоспособната популација при стареење на населението и иселување на младите) ја намалува домашната понуда, создава притисок врз платите и влијае инфлаторно. • Историското ниско домашно производство на електрична енергија условува скап увоз на електрична енергија за покривање на регулираниот пазар и го стеснува фискалниот простор за мерки против инфлацијата. Исто така, бизнисот којшто е на слободниот пазар (но и малите потрошувачи на регулираниот пазар) плаќаат една од највисоките цени за електрична енергија во Европа, што значајно влијае врз нарушување на ликвидност на фирмите. Македонија во последните две години има зголемена енергетска зависност, заради пониското производство на електрична енергија. За разлика од ЕУ којашто во голем дел е зависна од гасот (над 30%), во енергетската потрошувачка во Македонија доминираат нафтените производи (со 50%, додека гасот учествува со само 2,6% во 2021 година). Енергетскиот дефицит за девет месеци од 2022 година достигна рекорд од 1,4 милијарди евра (за разлика од истиот период лани кога беше околу 570 милиони евра), што пак се одразува во намалување на девизните резерви во услови кога централната банка го брани курсот на денарот. Сепак, девизните резеви во текот на летото се опоравија под влијание на дознаките на нашите иселеници и заради надворешното задолжување на државата. 2. Нарушената фискална одржливост, значајно искористениот фискален простор од ковид кризата наваму, високите дефицити и енормниот раст на јавниот долг не делуваат кон смирување на инфлациските очекувања. Оваа година се задоцни и со обезбедување на навремено финансирање на буџетот. 

Неповолната структура на буџетот, преставена со виско учество на мандаторните трошоци (пензии, социјала), виските неидентификувани други трансфери, значајно зголемени трошоци за камати во услови на галопирачки долг, го стеснува значајно дискрециониот простор за капитални расходи и антикризни мерки. Расходната страна на буџетот е неповолна, како што е неповолна и приходната страна. Приходите како процент од БДП се меѓу најниските во Европа заради високата даночна евазија. На пример, има општини кои и да не плаќаат данок на имот по глава на жител, за разлика од други кои имаат високи приливи во општинските буџети од данокот на имот. Затоа е потребен широк општествен консензус во однос на борбата со сивата економија, којшто ќе ги интегрира сите политички партии, сите етникуми, сите преставници на меѓународниот фактор во земјава и сите чинителни на општествениот живот. Ако не се врати фискалната одржливост, цитира: “How did you go bankrupt?“ Two ways. Gradually, then suddenly.” (Ernest Hemingway, The Sun Also Rises). 3. Ненавремена реакција на централната банка за зауздување на потрошувачката (особено на јавната потрошувачка којашто се одржува виско над предкризното ниво) и на инфлациските очекувања. НБРМ ја задржа историски ниска каматната стапка на благајничките записи (од 1,25%) и при појава на силни инфлациски притисоци. НБРМ закаснето реагираше на инфлацијата дури во април 2022 година кога инфлацијата достигна двоцифрено ниво од 10,5%, а базичната инфлација беше разгорена до 6,1%. Сѐ ова придонесе за зголемени инфлациски очекувања при нестабилност и ненавременост на домашните мерки. 

Панел дискусија – „Влијанието на инфлацијата и енергетската криза врз работата на компаниите во РСМ“ 

• Светозар Јаневски, Претседател на УО на ВВ Тиквеш • Маја Штериева, МБА • Сашо Наумоски, Извршен Директор на Витаминка • Штефан Петер, Генерален Директор на ЕВН и претседател на совет на странски инвеститори Панелот го модерираше Горан Теменугов, Новинар На панелот се разви дискусија и произлегоа неколку клучни препораки кои ќе помогнат на институциите за успешно справување со овие предизвици кои ја мачат македонската економија. • Влезот во ЕУ може да помогне за побрз напредок но за тоа треба да се подготвени компаниите и во своето портфолио да имаат производи кои се конкурентни на светските пазари • Мора да има политичка волја за брзи промени • Сивата економија мора на се намали и постепено во догледно време да ја снема. Оттука произлегува и препорака за засилена борба против корупцијата • Струјата да се реши побрзо преку инвестирање во нови капацитети и државата да стане извозник на струја а тоа може само преку брзи стратешки одлуки • Нова Стратегија за производство на храна, брендирање и креирање на производи со додадена вредност Според Штефан Петер, генерален директор на ЕВН нагласи дека државата е увозник на струја и дека е потребен поголем капацитет кој можеби ќе го реши и нуклеарна централа како во Бугарија и така владата ќе ги поддржи и граѓаните и компаниите. Не е само енергетската криза туку и финансиската криза и економската криза. Податоците од сите извори ММФ, ЦБ, НБРМ не се оптимистички и не е јасна иднината. Богатите земји полесно ќе се справат со економската криза и истите немаат енергетска криза. За жал креирана е перцепција дека постои криза која е опасна и која е под влијание на сили кои имаат интерес. Енергетската транзиција е потребна, меѓутоа истата е спора, не се реализира на правилен начини не е доволно финансирана. Според него фотоволтаиците можат да бидат мерка, но истите нема да ги решат нашите проблеми бидејќи истите не произведуваат струја навечер. На крајот на денот се сведува на одговорот на прашањето: Колку сакате да платите за струјата за да ги заштитите вашите граѓани? Инвестицијата може да биде приватна, но Владата мора да биде инволвирана најмалку заради контрола и сигурност. Од друга страна државите се докажани како лоши конструктори, не само во Македонија туку и секаде во светот. Од овие причини јавно приватно партнерство има најмногу смисла. Светозар Јаневски нагласи дека вакви дебати кои се однесуваат на предлози за решенија и се гласот на бизнисот не се политички и се потребни. Поединците не се доволни, мора да се решаваат проблемите заедно но и да не се очекува дека државата треба да ги реши проблемите. Не треба да ни бидат изненадувања бројките и проекциите. Тој смета дека компаниите во вакви ситуации треба да се водат од два принципа: собирање податоци и управување врз основа на тие податоци. Потребно е производство на производи со додадена вредност наместо полупроизводи. Особено во земјоделието која нашите производи не се конкурентни и кога увезуваме храна. Мора да се променат промени во менаџментот и нов пристап и да се спремни и да се иницираат промени во компаниите. Особено ако земеме в предвид дека имаме многу ниска продуктивност а недостаток на работа сила која ќе треба да почнеме да ја увезуваме а секако и нашите вработени ќе мора да имаат повисоки плати. Ова значи дека ќе мора компаниите поинаку да буџетират. Тој посочи неколку причини и пречки но понуди и предлог решенија за темите. -даночната евазија -зависноста од увоз на храна, - отежнати мерки за влез на странски инвестиции Структурата на мк економија е увозно зависна и тоа историски е голем проблем Потребно е прават брзи ефикасни чекори за олеснување на предолгите процедури за решавање на итни проблеми. Македонија треба да најде земја партнер со која ќе се направат договори за производство и трговија за да обезбедиме поголем извоз. Маја Стефкова Штериева, Претседател на македонската Банкарска асоцијација најави дека банките се стабилни. Оваа година како и претходната најголем дел од профитите ги враќаат во резерви, по налог на НБРМ. 

Кажа дека се примени сигналите и банките се подготвени се да го поддржат бизнис секторот. Следат тешки времиња и затоа бараат од НБРМ еден вид замрзнување на кредитите кои се во потешкотии. Портфолиото кај банките и покрај ковид кризата остана стабилно и немаше влошување Значаен дел од профитите кои ги остваруваат банките одат во резерви што го зголемува капиталот на банките и нивната способност да одговорат во услови на криза.На таков начин банкарскиот систем ќе биде уште постабилен Зголемувањето на каматните стапки не е добра ситуација за банките, иако тоа некому му звучи чудно, бидејќи од една страна се зголемува цената на чинење на депозитите , а од друга страна, бидејќи тоа се пренесува и на кредитите, постои можност за влошување на кредитното портфолио Државата никогаш не била приоритет на банките за кредитирање, бидејќи рочната структура не соодветствува на барањата и потребите на државата, на која и треба долгорочно финансирање. Доминантен интерес на банките е кредитирање на компаниите и населението Зголемување на нивните приходи значи и поголем промет , плати што значи и поголема побарувачка за кредити кај банките.

Можеби ќе ве интересира

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ