Македонски јазик и припадност се две работи во Договорот од Преспа кои му пречат на Мицотакис
Објавено во: Македонија 14 Јануари, 2022
Повторно во Грција има критики за Договорот од Преспа.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека неговата критика за Преспанскиот договор не се однесувала на името, туку „на македонскиот јазик и македонската етничка припадност“, пренесе МИА. Тој во интервју за грчката телевизија „Антена“, изјави дека и понатаму продолжува да верува дека тоа е голема грешка. Објаснува дека „тие грешки“ не можат да се излекуваат и дека сега Грција се стреми кон добри односи со Македонија. Тој изјави дека треба да започне пристапниот процес на Македонија во Европската Унија (ЕУ). Смета дека на тој начин неговата земја „ќе има можност да притисне за спроведување на договорот и да се излечат евентуалните слабости онолку колку што тоа го дозволува правната рамка“, пренесе МИА.
Договорот од Преспа го склучија премиерот во оставка Зоран Заев и екс премиерот на Грција, Алексис Ципрас. Од македонска страна имаше укажувања дека кај јужниот сосед не се сменети ниту сообраќајните знаци на кои пишува „Скопје“.