25 Април, 2024
0.0277

МАРКЕТИТЕ ШИРОКО ГИ ОТВОРИЈА ВРАТИТЕ - се бара работник повеќе

Објавено во: Економија 14 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

„Барате ли работа? Ние ви нудиме редовни месечни примања, бонуси за успешно работење, обуки за напредок во работата, пријатна работна атмосфера, како и работа во две смени, од 40 часа неделно“.

Вакви огласи можат да се сретнат од речиси сите поголеми трговски синџири низ државава, објавени или на плакати на самите нивни објекти, или дури и во флаерите што ги дистрибуираат до потрошувачите.

И сајтовите на агенциите за вработување вријат од огласи во кои се бараат продавачи, често за големите маркети, но и за помали киосци.

Сликата е сменета и во поглед на платите. Ако до пред извесен период месечните примања што ги нудеа беа меѓу пониските во земјава, или практично не ја надминуваа минималната плата која во тој период беше законски определена, сега се даваат поголеми суми. Па така, 15 илјади денари е речиси најниската плата што се нуди, а во некои маркети таа достигнува и до 18 илјади, па и до 20 илјади денари.

По се изгледа иселувањето во изминатите неколку години си го направи своето. Доказ за тоа е податокот кој неодамна го презентираше Светска банка, дека дури 500 илјади граѓани ја напуштиле земјава. Тоа го создаде феноменот да не може да се најде соодветниот работен кадар, па „газдите“ кои досега не беа многу дарежливи со плати и со понудени услови за работа, одеднаш стануваат „фини“ работодавачи, кои за вас го имаат посакуваното работно место.

Ја прашавме Агенцијата за вработување на Македонија дали на огласите од маркетите се пријавуваат солиден број граѓани, дали се заинтересирани за таков тип на работно место, но и дали платите што за нив се нудат се мотивирачки или не да ја прифатат работата.

Од таму велат дека не можат да одговорат на вакви специфични прашања. Само наведуваат дека компаниите често поставуваат голем број „тешки“ услови што треба да ги исполнат работниците, а гледаат и на нивните години, но и граѓаните, пак, од своја страна, не сакаат да прифатат работа за било каква плата.

„При пополнување на слободните работни места, работодавачите многу често имаат тесно дефинирани листи на компетенции кои кандидатите треба да ги поседуваат. Покрај стекнатите знаења во процесот на формално образование, работодавачите побаруваат и одредени вештини и знаења во конкретната област стекнати надвор од процесот на формално образование, а нив потенцијалните кандидати за вработување треба да ги докажат со приложување на сертификати. Исто така при пополнување на одредени слободни работни места, работодавачите ја земаат предвид и возраст на потенцијалните кандидати за вработување, работното искуство во конкретната област, меките вештини кои ги поседуваат, како што се комуникациски, работа во тим, а во конкретниот случај - вештини за продажба и слично. Од друга страна невработените лица-баратели на работа, бараат работа соодветно на нивното образование и стекнато знаење, како и плата односно заработувачка која ќе им обезбеди добра егзистенција“, објаснуваат за Фактор од Агенцијата за вработување.

А се бараат и голем број други профили на работници – програмерите се на прво место. Но, на пазарот требаат и заварувач и армирач повеќе!

„Врз основа на огласените потреби од работници од страна на работодавачите,  како и врз основа на добиените сознанија од спроведеното анкетно истражување за потребите од вештини на пазарот на трудот, соодветно на степенот на потребно знаење, работодавачите искажале потреба за вработување на  работници од следните занимања: програмер, систем оператор, сметководител, економист, правник, фармацевт, градежен инженер, графички дизајнер, администратор, комерцијалист, техничар-оператор, градежен работник, текстилен техничар, продавач, келнер, шивач, обезбедувач, шанкер, општ работник, работник за едноставни работи на производствена линија, хигиеничар на станбен и деловен простор, чевларски работник, рачен пакувач и др. Занимањата  како заварувач, аргон заварувач,  армирач,  лимар, ѕидар, кројач, слаткар, се  постојано  барани  занимања  на пазарот на трудот“, нагласуваат од Агенцијата што посредува при вработувањето.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на второто тримесечје од годинва, невработеноста во земјава е на ниво од 17,5 отсто. Презентирајќи го Предлог буџетот за наредната година, од Владата најавија дека нивните очекувања се стапката на невработеност во 2020 да се намали до 16 проценти. 

( Н.Н.Ф.)

Можеби ќе ве интересира

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди