Мичел за спорот со Грција: Вие сте на правиот пат и ние сакаме тоа да го охрабриме
Објавено во: Македонија 13 Март, 2018
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел денеска по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје изјави дека САД продолжуваат со поддршка за реформскиот пат на Македонија, како напорите на земјата и на Грција за изнаоѓање решение за спорот за името.
Вели дека моменталната ситуација е подобра од било кога и Македонија и Грција треба да го продолжат процесот. Вратата за членство во НАТО, како што рече тој, останува отворена и САД ги ценат напорите на Македонија во изградбата на поцврста демократија.
„САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко прифатливо решение за прашањето. Единствено трајно решение ќе биде заедничкото решение. Јас мислам дека Македонија презема огромни чекори напред , како и Грција. Ние сме среќни за напредокот кој е направен и јас мислам дека таму има инзворедна можност“- рече Мичел.
За претстојниот самит на НАТО, повтори дека земјата има можност да најде решение за спорот за името со кој ќе и се отвори патот на земјата кон Алијансата и кон ЕУ. Во однос на евентуалното вклучување на американската дипломатија доколку процесот на преговори се комплицира Мичел истакна дека пораката е оти САД ќе продолжат да бидат ангажирани на Балканот.
„Ова не е одлука која ние можеме да ја донесеме наместо вас или Грција, но сте на правиот пат и ние сакаме тоа да го охрабриме“- рече тој.
Заев за нацрт-спогодбата од Грција за спорот за името, наведе дека секој документ од било која страна кој ќе помогне е вреден за разгледување.