Мицкоски како Букеле од Салвадор: Да се легализира тргувањето со криптовалути
Објавено во: Економија 22 Јули, 2021
Да се легализира односно да се формализира тргувањето со криптовалутите и „Blocкchain“ технологијата со што може да се подобрат перформансите на државниот буџет. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на промоцијата на концептот „Македонија за сите луѓе“ понуди ваков концепт, наместо како што рече Македонија да стане извозник на марихуана.
„Како наместо да станеме земја извозник на дрога и марихуана, да станеме земја којашто ќе апсорбира капацитет и ќе го легализира и ќе ги апсорбира практично сите можности коишто ги нуди трговијата со криптовалутите, а верувајте ми таа не е мала. Некаде околу половина милијарда евра можат да бидат тие приходи директно во Буџетот и во македонската економија, доколку започнеме сега и бидеме практично првенци во регионот. За „Blockchain“ технологијата малку се зборува во регионот, а во Европа и во светот и во САД е сериозна економска платформа – рече Мицкоски.
Ел Салавдор засега е земја која најави дека ќе го легализира тргувањето со криптовалути. Претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, најави дека ќе понуди криптовалути во вредност од 30 долари на секој граѓанин што ќе се пријави за да користи дигитален паричник. Владата ќе создаде сопствен паричник со биткоин, наречен Чиво, што на сленг значи „кул“. Законот со кој биткоинот ќе стане легално средство за плаќање стапува на сила на 7 септември.
Во Македонија, Народната банка постојано укажува за ризичноста во инвестирање во криптовалути, а таков е ставот на сите релевантни светски финансиски институции и регулаторни тела, меѓу кои и на Европската централна банка.