Мицотaкис се буни: На Скопјаните им дадоа НАТО пасош
Објавено во: Балкан 18 Јули, 2018
Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис обвини денеска дека Владата во Грција на нашата земја ѝ дала македонски јазик, македонски идентитет и НАТО пасош.
Според него, со ова Грција го изгубила најсилното дипломатско оружје од изминатите години.
Мицотакис вели дека земјата веќе ги живее негативните завршени работи од Договорот од Преспа, за кои навремено предупредиле.
„Веќе го имаат и НАТО пасошот, оној кој господата Ципрас, Каменос и Коѕијас, побрзаа да им го дадат, лишувајќи ја земјата од најважното, најсуштинското, најефективното преговарачко оружје што го имаше. Дипломатското оружје што го искористија сите грчки влади во изминатите три децении. Националната линија од 27 години која беше крунисана од Костас Караманлис во 2008 во Букурешт и беше напуштена во рок од неколку недели“ – рече Мицотакис.
Тој постојано дава изјави во кои ја напаѓа грчката власт дека направила многу отстапки за нашата земја.
Мицотакис претходно изјави дека Договорот од Преспа ги труе односите меѓу двата народи.
На анкета 63.8% од граѓаните во Грција негативно го оценија Договорот.
Грчката опозициска партија Нова демократија (НД) води во последната анкета во однос на владејачката Сириза со 14,1 проценти, покажува испитувањето на јавното мислење направено неодамна.