Минчо Јорданов повикан во суд
Објавено во: Македонија 20 Септември, 2018
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Макфакс пренесува дека обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми.
Во меѓувреме Се укинува постапката против Зоран Божиновски за злосторничко здружување. Судијата Владимир Туфегџиќ на почетокот од денешното рочиште за случајот ,,Шпион” кажа дека се укинува постапката против Зоран Божиновски за злосторничко здружување поради застарување на случајот.
Божиновски се товари за дела што ги сторил од 2009 до 2011 година. На денешното рочиште повикан е бизнисменот Минчо Јорданов, кој ќе сведочи пред Судечкиот совет.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.