Многу починати од студот во Европа, Грција пред енергетска криза
Објавено во: Свет 12 Јануари, 2017
Студот зеде најмалку 61 жртва во Европа.
Најмногу од починатите се од Полска. Во земјата 20 лица загинале од премрзнување. Властите соопштуваат дека дел од нив се бездомници, но имало и возрасни, болни луѓе кои останале блокирани во далечните куќи во кои живеат.
Тројца починале во Македонија, како и во Србија, каде е прогласена вонредна состојба во 9 општини. Движењето на бродовите во реките Дунав и Сава привремено е прекинато.
Слични мерки се преземени и во Бугарија, Романија и Хрватска.
За многу земји како Грција и Албанија снегот е вистинска катастрофа, бидејќи локалните жители не се навикнати да живеат во такви временски услови.
За прв пат по 32 години снег го покри туристичкиот град Саранда на брегот на Јонското Море.
Снег ја затрупа и Атина, каде што голем дел од училиштата беа затворени.
Во последните денови во земјата е регистрирана рекордна потрошувачка на струја, а властите соопштија дека енергетските компании се на границата на можностите поврзани со недостатокот на струја поради студеното време.