24 Април, 2024
0.0334

МНОГУ ЖЕЛБИ И ВЕТУВАЊА ВО НОВИОТ БУЏЕТ - ќе има ли доволно пари

Објавено во: Економија 13 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Дали е реален или не, експертите се поделени, но никој не го фали дека е особено развоен.  

Откако Владата најпосле го стокми и го претстави пред јавноста, предложениот буџет за 2020 година во следните денови ќе биде предмет на економска и политичка дебата. Конечниот збор ќе го кажат народните избраници, а распоредот на силите гарантира дека ќе биде донесен.

А иако власта вчера уверуваше дека со големите „честења“ за повисоки пензии и плати во јавниот сектор не се прави предизборен поткуп на гласачи, туку се вложува во човечкиот капитал, според познавачите, нема сомневања дека државната каса „тежи“ и од предизборни елементи. Експертите укажуваат дека во човечки капитал не се вложува само со зголемување на платите, туку и со многу работа и реформи.

Борче Треновски, професор на Економскиот факултет во Скопје, УКИМ, за Фактор вели дека емпириската анализа на буџетите во последните 15 години јасно покажува дека определни буџетски ставки во предизборните буџети постојано се зголемуваат, како што се јавната потрошувачка, платите и надоместоците, трансферите и субвенциите, социјалните надоместоци, како и капиталните расходи.

„Ова јасно укажува на поврзаноста на политичкиот со економскиот циклус, што не треба да не изненадува, меѓутоа особено е важно да разбереме колкава е улогата на државата во оваа фискална приказна за да ја добиеме реалната слика - што е особено тешко. Новиот буџет има мото ‘Вложување во човечки капитал’, а нашата обрска како граѓани е да ги потсетиме политичарите дека зголемувањето на платите не е единствен начин на вложување во човечки капитал, туку само една „нишка“, која ќе исчезне во маглата, доколку не е придружена од јасно оценување на перформансите, рационализација, силна деполитизација, како и вложување во капацитетите (а не само во платите) на јавната администрација, во образовниот и во здравствениот сектор, правосудството, локалната власт итн, што е  голем предизвик за политичките елити и главна пречка за еден буџет, без разлика на неговата големина да се нарече „развоен“, вели Треновски.

Бранимир Јовановиќ, поранешен советник на екс министерот за финансии Драган Тевдовски, има сериозни забелешки за тоа како ќе изгледа националната каса во следната година.

„Буџетот за 2020 година би го опишал со три збора – голем, нереален и загрижувачки. Голем, затоа што расходите се проектирани да бидат повисоки за околу 200 милиони евра од претходната година, што само по себе не е толку страшно, знаејќи дека ние како држава имаме релативно мал буџет, но е проблематично од гледна точка на структурата на тој раст, бидејќи растот во голема мера е за задоволување на одредени групи во пресрет на изборите, како високопрофитабилните компании, кои не беа исклучени од мерката за субвенционирање на придонесите, иако со тоа ќе се заштедеа значајни средства, и пензионерите, кои во стилот на претходната влада, повторно добија паушално зголемување на пензиите, иако е добро познато дека пензискиот фонд се соочува со сериозни проблеми. Нереален, затоа што е проектирано дека приходите ќе бидат повисоки за околу 200 милиони евра отколку во 2019, што нема шанси да се случи, со оглед на тоа што се укинува прогресивниот данок, со што буџетот губи околу 40 милиони евра“, вели Јовановиќ за Фактор. 

И загрижувачки, според него, буџетот е затоа што високите расходи, во комбинација со преценетите приходи, значат дека дефицитот ќе биде повисок од проектираниот, а со тоа и потребите за финансирање, што понатаму може да доведе до потешкотии во сервисирањето на потребите, особено со оглед на тоа што веројатно не би се издавала еврообврзница пред изборите во април.

Од институтот Finance Think, пак, сметаат дека предложениот буџет е подготвен врз релативно реалистична претпоставка за растот на економијата од 3,8 отсто и пораст на цените од 1,7 проценти. Фискалната консолидација, пак, има простор за натамошно подобрување.

„Министерството за финансии и Владата се уште не отворија широка, стручна и длабинска дебата за тоа како структурата на јавните трошења може да се подобри, за да може да се каже дека буџетот е развоен. Зголемувањето на платите во образованието и здравството е позитивен потег. Но, линеарниот раст на платите кај останатите сектори во јавната администрација е неиздржан и може дестимулативно да влијае врз попродуктивните кадри... Исклучително внимание е потребно врз тоа како се финансираат ваквите зголемувања, особено кога тие не се проследени со раст на продуктивноста“, објаснуваат од Finance Think.

Од таму со критика и за сумата за која ќе пораснат пензиите. Нагласуваат дека износот кој Владата ќе го префрли за зголемување на пензиите од 700 до 900 денари по пензионер месечно, е висок и над законски утврдениот праг за усогласување.

„На тој начин се доведува во ризик доследната имплементација на пензиската реформа. Усогласувањето на пензиите беше една од клучните претпоставки за стабилизација на дефицитот во пензискиот систем, особено земјаќи предвид дека порастот на стапките на социјалните придонеси беше релативно мал, односно еден процентен поен во период од две години. Дополнително, порастот на пензиите над очекуваниот максимум креира дополнителни очекувања кај пензионерите и остава простор да се толкува како предизборен потег“, велат од институтот.

За капиталните расходи, според нив, има ризик од нивна повторна потреализација, особено поради очекуваната недоволна функционалност на министерствата во првата половина од 2020, поради претстојните избори и техничката влада.

Буџетот за идната година ќе тежи 3,9 милијарди евра, со што тој е најголем досега, а се базира на очекување дека економијата идната година ќе порасне за 3,8 проценти. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?