Moжно ли е воено решение за Кашмир?
Објавено во: Свет 08 Август, 2019
Пакистан ја исклучува можноста за воено решение за спорот за Кашмир со Индија, која во понеделникот го суспендира специјалниот статус на државата Џаму и Кашмир.
„Пакистан не предвидува воена опција (за решавање на спорот за Кашмир). Наместо тоа проучуваме политички, дипломатски и правни опции“, изјави шефот на пакистанската дипломатија Шах Махмуд Куреши.
Тој додаде дека Пакистан го задржува правото да одговори на секоја индиска агресија”.
Односите помеѓу Исламабад и Њу Делхи од понеделникот повторно се тензични откако Индија со претседателски указ ја отповика уставната автономија на Џаму и Кашмир, во северниот дел на Индија.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди денеска изјави дека преминувањето на дел од Кашмир под управа на Њу Делхи од сојузна држава во сојузна територија ќе помогне да се стави крај на децении тероризам и сепаратизам, инициран од Пакистан.
Моди промените ги опиша како историски и ги увери своите жители дека ситуацијата наскоро ќе се смири.
Тој го обвини Пакистан дека го користи претходниот аранжман „како оружје за поттикнување на жителите на регионот против Индија“ и додаде дека е убеден дека новиот систем ќе може да го ослободи Кашмир од тероризмот и сепаратизмот.
Укинувањето на уставната автономија на Кашмир е старо ветување на хиндуистичките националисти на премиерот Нарендра Моди, кој неодамна освои втор мандат на изборите.
Бунтовниците од 1989 година се борат за независност на Кашмир од Индија и анексија на Пакистан, кој контролира дел од територијата.
Конфликтите поради Кашмир меѓу Пакистан и Индија траат практично од добивањето ослободување од колонијалното владеење на Велика Британија во 1947 година, а индискиот дел на Кашмир е сцена на чести напади на исламски екстремисти.