19 Март, 2024
0.0247

МУКАЕТОВ: ГРАЃАНИТЕ ДА БИДАТ СПОКОЈНИ - лекови и дезинфициенси ќе има, државата што побргу да побара пари

Објавено во: Економија 28 Март, 2020

Добивај вести на Viber

За стопаснтвото, особено за најпогодените сектори, Владата итно треба да донесе мерки, но и што е можно побргу да побара кредити кај меѓународните институции или банки, бидејќи побарувачката за свежи пари во светот нагло расте.

Ова се размислувањата на еден од најуспешните македонски бизнисмени и прв човек на најголемата фармацевстка компанија во земјава, Живко Мукаетов.

Тој порачува граѓаните да бидат спокојни, бидејќи има доволно резрви на лекови и на дезинфициенси за наредниот период.

Во интервју за Телевизија 24 претседателот на Управниот одбор на „Алкалоид“, Мукаетов раскажа како оваа компанија, чие производство на дезинфициенси досега било споредно, сега успева да пренамени дел од своите машини со цел да им излезе во пресрет на потребите во земјава.

„Дезинфициенси имаме и ќе имаме уште повеќе. Тие се дел кој не беше така голем во рамки на портфолиото на ‚Алкалоид’. Ние досега ги работевме како дополнување на програмата на лекови и за нив никогаш посебно не се ни амбициравме. Други компании беа тие кои го креираа пазарот на дезинфициенси во земјава. За жал, кон крајот на февруари и од средината на март, тие компании оддеднаш, веројатно по налог на државите од каде што доаѓаа и забраните за извоз, немаа можност да ги покријат потребите кои нагло се зголемија на пазарот во земјава. Веднаш се создаде една голема дупка на пазарот, која резултира и со одредена нервоза кај нашите граѓани, која е апсолутно за разбирање. Нас главен приоритет во овие три недели ни беше да ги задоволиме потребите на држаавните институции - прво на Министерството за здравство, кое имаше огромни потреби, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, како и на Центарот за управување со кризи. Исто така, ги обезбедивме итните потреби на градовите Скопје, Кавадарци, Дебар, Куманово. Нашата одлука беше прво да ги обезбедиме тие количини, а паралелно со тоа да обезбедиме колку може колични и за граѓаните, односно аптеките и продавниците“, вели Мукаетов.

ПРЕНАМЕНА НА ДЕЛ ОД МАШИНИТЕ

Додава дека веќе од вчера компанијата дел од машините наменети за производство на козметика, односно шампони, ги пренаменила за производство на она што најмногу се бара - дезинтал. Викендов интензивно ќе се работи на тоа производство, па очекува веќе од понеделник да се стабилизира пазарот со дезинфициенсите во земјава. 

Инаку, криза со дезинфициенси сега има во цел свет, нив ги нема ниту во Boots во Лондон, а тоа е најголемиот синџир на дрогери маркети во Велика Брианија.

„Ние само во март произведовме дезинфициенси колку во 2017, 2018 и 2019 година заедно. Беше прилично турбулентен период во кој требаше да се најдат и суровини и амбалажа, а да се решат и транспортните предизвици“, објаснува Мукаетов.

И за лековите нашите граѓани треба да бидат мирни, порачува, бидејќи компанијата има сериозни залихи, што е резултат на домаќинското работење.

„Лекови, дезинфициенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори, тоа се четири вида производи кои ги произведуваме и за кои со сигурност можам да кажам дека ќе ги има, па нашите граѓани од аспект на тие производи не треба да бидат загрижени. Упатувам апел да не се прават непотребни залихи, и во делот на дезинфициенси и во делот на лекови, нив ќе ги има. Треба да покажеме и тука солидарност и емпатија, да се купува во нормални количини, за да остане и некој друг да купи“, нагласува Мукаетов.

Како што е познато „Алкалоид“ донесе одлука за намалување на цените на 158 нивни производи. Мукаетов вели дека на овој начин компанијата сакала да им помогне на своите граѓани. Ова важи за сите производи чии цени не се регулирани од државата, значи освен за лековите на рецепт. Значи, се што во моментов им е ургентно потребно на нашите граѓани - кафетин, аналгин, прокулин, витамините Ц, Д, бетадине, ацерола, АД перлите, плус сите дезифициенси, имаат намалени цени. Така, според Мукаетов, компанијата која постои 84 години, покажува партнерство кон својот народ, кон македонското здравство и фармација и е здрав столб на македонската економија.

Околу 250 вработени од компанијата во моментов не работат, а тоа се родители на мали деца, луѓе со хронични болести или бремени жени. Затоа, пак, дел од луѓето што работеле на терен се реобучени и сега помагаат во работењето. Од први април „Алкалоид“ ќе реализира 40 нови вработувања. Тие од понеделник ќе стартуваат со здравствени прегледи во Институтот за јавно здравје, и потоа ќе стартуваат со производство.

МНОГУ Е ТЕШКО ВО ОВОЈ ПЕРИОД ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ СУРОВИНИТЕ

„Пред три недели прво коридорот кој доаѓаше од Италија, Словенија, Хрватска, Србија до Македонија беше комплетно блокиран. Имавме доста заглавени камиони дел меѓу Словенија и Хрватска, а дел меѓу Хрватска и Србија. Тоа по неколку дена се реши, дел дојдоа преку Унгарија, а дел оттаму се пушти таа стока. Во меѓувреме, за Истанбул кој беше единствен центар или хаб преку кој би се донеле одредени суровини од Индија и Кина, Турција донесе забрана за влез на возачите од 57 земји, меѓу кои и нашите, но МНР успеа да излобира тоа да се смени. Потоа Бугарија го забрани транзитот меѓу Македонија и Турција, па потоа Србија забрани да се извезуваат одредени суровини кои се потребни за производство на алкохол. Имаме една динамика каде состојбата се менува во часови и стоката некаде заглавува. Еве, најнова ситуација од завчера е што Индија на 21 ден комплетно ја затвори државата. Таму сега не работи ниту еден аеродром, а дел од суровините ние ги носиме преку аеродромот во Мумбаи, и сега не знаеме што ќе биде три недели. Но, тоа не важи само за нас туку за сите производители на фармацевтски производ во светот. Има голема нервоза и во земјите од ЕУ. Ова се големи предизвици и треба голема посветеност, упорност, но и разни форми на лобирање за тие камиони кои ги носат нашите суровини и производи да поминат“, објасни Мукаетов.

Кога ќе дојде една ваква криза, вели овој бизнисмен, сите сфаќаме колку е важно да се има домашно производство, особено за вакви стратешки важни дејности, како што е „Алкалоид“ во делот на фармацијата, „Квасара“ од Битола во делот на алкохол и квасци, „Млекара“ Битола, „Витаминка“ во производството на зејтин и други. Доколку постоеше ОХИС, тој веројатно ќе го намалеше притисокот кон „Алкалоид“, кој сега го носи целиот товар. Долгорочно треба да имаме што повеќе вакви компании, кои во ваква криза можат да го обезбедат барем тој елементарен дел на основните потроби.

ШТО ПОБРГУ ДА СЕ АПЛИЦИРА ЗА СРЕДСТВА ОД ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ИЗВОРИ

Следува тежок економски период. Мукаетов смета дека партиите треба да седнат и да изградат заеднички пристап кон целата криза, здрава стратегија, сигнал кон народот дека за некои работи мора да бидеме единствени. Вели дека итно се потребни мерки, по секоја цена мора да се најде форма да им се помогне на оние мали и средни компании чии бизнис е речиси невозможно да функционира во оваа криза, за нивните вработени да останат на работа. Тоа ќе чини од аспект на буџетот, но треба да им се даде тој ветер во грб на оваа компании.

„Што се однесува до ликвидноста, Владата мора што побргу да ги донесе мерките, за да може што побргу да побара средства од потенцијалните извори. Во моментов парите во светот се уште се евтини од аспект на каматни стапки, но факт е дека побарувачката за свежи пари нагло ќе расте и таа веќе расте од ден на ден. Сметам дека секој ден доцнење од аспект на аплицирање за финасирање кај разни меѓународни извори, дали се тоа корпоративни банки или други извори, може да доведе до ситуација да не може така лесно да се соберат тие средства од надвор. Затоа, треба што побргу да се аплицира, едноставно да се застане во тој ред за да се обезбедат средства“, укажува Мукаетов.

Во целиот свет следи турбулентен период, а има цели дејности кои во моментов не се во состојба да функционираат. Такви се угостителството, туризмот, но и автоиндустријта, од која ние сме зависни, бидејќи имаме доста производство на разни делови за таа индустрија.

Оваа економска криза сигурно ќе биде потешка од онаа во 2008 и 2009 година. Никој не знае кога би дошло до економско закрепнување, бидејќи никој не знае ни колку сето ова ќе трае, па затоа е неблагодарно да се предвиди.

„Ни треба единство и за кога сето ова ќе заврши, да почнеме да ја движиме приказната напред, дополнително со членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. После дождот доаѓа сонце. Се надевам дека повторно ќе свети македонското сонце“, порачува првиот човек на „Алкалоид“.

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?

ДА НЕ СЕ НАМАЛАТ ПЛАТИТЕ: Сенатор бара САД да усвојат 32-часовна работна недела

ДА НЕ СЕ НАМАЛАТ ПЛАТИТЕ: Сенатор бара САД да усвојат 32-часовна работна недела

„ДИЗЕЛАШИТЕ“ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ, НО НЕ И „БЕНЗИНЦИТЕ“ - еве како се менуваат цените на горивата по полноќ

„ДИЗЕЛАШИТЕ“ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ, НО НЕ И „БЕНЗИНЦИТЕ“ - еве како се менуваат цените на горивата по полноќ

РОМАНЦИТЕ СЕ МАЧАТ СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА: Во кои европски земји таа е најниска?

РОМАНЦИТЕ СЕ МАЧАТ СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА: Во кои европски земји таа е најниска?

Велковски: 2.252 лица добиле социјална помош, а имале возило

Велковски: 2.252 лица добиле социјална помош, а имале возило

СТАВЕН ПОД ЗАЛОГ ИМОТ ВРЕДЕН 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА - „Неметали Огражден“ од Струмица извести за голема зделка

СТАВЕН ПОД ЗАЛОГ ИМОТ ВРЕДЕН 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА - „Неметали Огражден“ од Струмица извести за голема зделка

Албанска компанија ја купи „Студио Модерна“ во Македонија

Албанска компанија ја купи „Студио Модерна“ во Македонија

Со што „Макпетрол“ ќе ги израдува акционерите, но и вработените?

Со што „Макпетрол“ ќе ги израдува акционерите, но и вработените?

ГОЛЕМ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА: Побарувачката за „црното злато“ ќе расте

ГОЛЕМ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА: Побарувачката за „црното злато“ ќе расте