На Косово не му се допаѓа идејата на Вучиќ за балкански Шенген
Објавено во: Балкан 29 Септември, 2019
Косово негодува околу идејата на српскиот претседател, Александар Вучиќ за балкански Шенген.
Екс главната косовска преговарачка во дијалогот со Србија, Едита Тахири изјави дека е против идејата за балкански Шенген.
За тиранската телевизија Ора њуз, Тахири изјави дека ова е нео-југословенска тенденција што ќе им наштети на Балканот и на Европа.
Таа смета дека Балканот не е заинтересиран и не треба да биде заинтересиран да се обедини, да ги отвори границите меѓу себе, туку кон ЕУ.
„Ниту Албанија не треба да брза онолку колку што имам слушнато дека веќе преземала чекори. Со ова прашање, ЕУ ја релаксира својата совест што го оставила Западен Балкан зад себе и не била во состојба да го придвижи кон ЕУ. Тоа ќе биде стратешка грешка од која последици ќе имаме сите и Балканот и Европа“ – смета Тахири.
Потпретседателката на српската Влада, Зорана Михајловиќ апелираше до сите земји од Западен Балкан да направат стратегија за заеднички економски развој.
Навела дека тоа ќе биде и една од темите на разговор со лидерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, на почетокот на октомври во Белград.