МАКЕДОНИЈА СИ ГИ БРКА ПРОГРАМЕРИТЕ НАДВОР: Се „бега“ за поголема плата од Шведска до Германија и западна Европа
Објавено во: Економија 23 Јули, 2019
Ако се погледнат податоците од Агенцијата за вработување, во неколкуте најбарани професии во земјата се и програмерите.
Најмногу се бараат продавачи, општи работници, програмери, хигиеничари, обезбедувачи. За програмери во земјата моментално има 180 слободни работни места.
Се смета дека овие работни места не се потполнети затоа што програмерите се селат.
„Секој кој има шанса, можност се сели за подобри услови, подобри можности за работа. Програмерите заминуваат во Шведска, Германија, Западна Европа. Јас познавам 10 до 15 луѓе кои заминаа во странство. Таму можат добро да заработат, затоа што ако овде минимална заработка е 500 евра, таму ако работат нешто посложено затоа што информатиката е широк поим, можат да заработат и до 10.000 евра. За оваа струка отсекогаш имало одлив“, вели Ана Караманди, професор по информатички предмети.
Славчо Горчески, автор на неколку учебници за информатика кои се спонзорирани од Мајкрософт вели дека ако нешто не се промени во политиката на државата, ако не се покачат платите, Македонија ќе остане без квалитетните кадри од ИТ секторот. Тој додава дека во Германија програмерите во просек заработуваат по 5.000 евра месечно.
„Ова е професија каде нема физички граници, луѓето може да работат било каде во светот, а цената на трудот е неколку пати поголема од онаа што овде се нуди. Како фриленсери луѓето заработуваат добро, а егзистираат овде. Трудот се вреднува и можат да заработат и до 10 пати повеќе од она што овде би го заработиле“, вели тој.
Додава дека до висока заработка и добар ангажман доаѓаат околу 10% од луѓето кои ќе дипломираат во струката, кои имаат капацитет, а платата во администрација за нив не би била соодветна во однос на способностите.
Зад програмерите се градежниците и такси возачите.
„Програмерите или се во странство или овде работат за странски фирми. Нормално дека финансиите се пресудни, и младите кои сега ми се ученици размислуваат за оние струки кои се профитабилни, кои носат пари, друго нив не ги интересира“, вели професорка од приватно училиште за информатика во Охрид.
Одливот на ИТ кадар се случува не заради подобри услови за работа – условите за работа и бенефитите кои ги нудат компаниите кај нас се целосно компарабилни со фирми од развиениот свет, вели Илија Господинов, директор на ЕндаваМакедонија во интервју за Фактор. Додава оти она што ја прави разликата е квалитетот на живот.
„Булевари со дупки, пропаднати шахти, ѓубре и отпадоци, ужасно јавно здравство, загадување опасно по живот – ова се само неколку фактори со кои треба да се позанимаваме, а кои се многу важни во овој процес“, вели Господинов кој е и заменик претседател на Управен одбор на МАСИТ.
Најмалку слободни работни места има за угостителски работници, месари, комерцијалисти, земјоделски работници и оператори за внес на податоци. За овие позиции има триесетина слободни работни места во државата.
Сања Атанасовска