НА МЛАДИТЕ ИМ ТРЕБА ЏЕПАРЛАК ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ: Можат ли да се социјализираат без да потрошат пари?

Објавено во: Економија 18 Февруари, 2025 07:54
Младите велат дека за дружење со пријателите, излегување во кафулињата им се потребни пари кои ги добиваат од родителите. Според нивните одговори, месечно трошат по 50 или 100 евра за социјализација, но признаваат дека имаат и врсници кои често не им се придружуваат на прослави по некој повод, празник, шетање, излегување во кафулиња, поради немање финансии. Младите објаснуваат дека има начин и да се дружат така што ќе потрошат помалку пари, но тоа би било со шетање во природа или посета на некој јавен настан, изложба, промоција. Сепак, луѓето кои ги анкетиравме, велат дека тешко им паѓа ако родителите во одреден момент немаат да им дадат пари за излегување.
„Потребно е, ама сè зависи од состојбата во семејството. Сè зависи колку ќе излегувам. Може да бидат тоа 50 евра, може да бидат и 100 евра. Моето семејство ги задоволува моите потреби, но јас земам и стипендија. Може и младите да се социјализираат без пари, има паркови каде се собираат деца, така што може и јас одам таму“, вели младата Теодора.
Следната соговорничка објаснува дека во денешно време ниту младите не можат да функционираат нормално без соодветна сума на пари, која ќе ги задоволи сите нивни потреби, па и онаа за дружење и излегување.
„Потребни се пари, секако, да испијат кафе со другарите во некое кафуле. Без пари потешко ќе можат да се социјализираат. Без пари не бива ништо“, рече Мериса.
Друга девојка на возраст од 26 години објаснува дека на младите социјализацијата им е приоритет.
„Секако дека ни требаат пари за социјализација, млади сме. Сумата зависи од потребите, од месец на месец. Мислам дека 2.000-3.000 денари месечно се малку пари. Мислам дека еден млад човек треба многу да се грижи за себе, да биде среден, да вложува во себе, да гради кариера. Не сум била во позиција да немам пари за излегување, но сум имала во друштвото луѓе на кои им било тешко и мислам дека тоа треба да им биде поттик во иднина да работат и да не бидат во таква ситуација“, објаснува девојка од Куманово.
Психологот Јаворка Постоловска вели дека за разлика од порано, денеска начинот на социјализација бара повеќе трошоци, а воедно имаме и поголеми класни разлики во општеството, кои прават одредени луѓе кои не се во добра финансиска состојба да бидат лишени од дружења и излегувања.
„Порано можеле младите да се социјализираат без финансии, имало други форми на собирање, на дружење. Променетите услови на денешното живеење наложуваат потреба од финансии, да можат младите да отидат некаде, да се дружат. Огромните социјални разлики, прават едните да се социјализираат на еден, другите на друг начин. Можат младите да се вклучат во општо-корисни активности и таму има дружење и социјализација или во некоја хумнитарна активност, но ако се двојат од другите, тоа им влијае на расположението“, вели Постоловска.
Минималната синдикална кошничка на Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ) за јануари 2025 година покажува дека за рекреација и култура едно четиричлено семејство троши по 4.458 денари, односно 7 отсто од приходите. За ресторани и хотели трошат по 4.131 денари или 6.5 отсто од приходите.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на посетителите во кината и театрите е зголемен. Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во периодот 2023/2024 година, вкупниот број на прикажаните претстави во професионалните театри е зголемен за 11.5 отсто, но и бројот на посетителите е зголемен за 3.1 отсто, во однос на периодот 2022/2023 година. Во 2023 година имало повеќе посетители во кината за разлика од 2022 година, односно 350.637 наспроти 274.289 посетители.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
„ССМ ПРИЗНАЛ ДЕКА ЈА ЛАЖЕЛ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА КОНКУРЕНЦИЈАТА ЗА МАРКЕТИТЕ КОИ ДОГОВАРАЛЕ ЦЕНИ“: „Само прашај“ објави извадоци од прелиминарната фактичка состојба

ДПИ, ДЗС И УЈП КОНТАТИРАЛЕ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ВО ТЕТОВО: Еве што пронашле на терен

И ДУРМО ТУРС МЕЃУ ПРАВНИТЕ ЛИЦА КАЈ КОИ ИНСПЕКТОРАТ КОНСТАТИРАЛ НЕПРАВИЛНОСТИ: Еве кои се другите правни и физички лица кај кои имало неправилности

НЕКОИ ИНСПЕКТОРАТИ НЕМААТ ДОВОЛНО ИНСПЕКТОРИ: Има потреба од кадровско екипирање и засилување, вели Николоски

СУПЕРБРЗО МЕТРО ЌЕ ЈА ПОВРЗУВА ЕВРОПА: Откриени се плановите

БРАТОТ НА ИЛОН МАСК ГИ ПРОДАДЕ АКЦИИТЕ ВО ТЕСЛА ЗА 27 МИЛИОНИ ДОЛАРИ: Претседателот на Управниот одбор поднесе оставка

СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ЌЕ СЕ ОБЈАВАТ СИТЕ ЧИИ ЛИЦЕНЦИ СЕ ОДЗЕМЕНИ: Николоски речиси е при крај со „чистката“, бројката на одземени лиценци расте

Украинска телекомуникациска компанија излегува на Берза

ДИЗАЈНЕРОТ КОЈ ЗАРАБОТУВА 60 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГОДИШНО - тој го тврди она што на многумина нема да им се допадне, а особено на жените
