16 Април, 2024
0.0820

На патот кон еднаквоста

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Симон Де Бувоар, Ерика Јонг, Мери Волстонкрафт, и други познати и признати жени-борци за правата на жените или, како што ги нарекува Бувоар, вториот пол, и ден денес се актуелни, односно и во 21 век, во ерата на глобализација, интернационализација, компјутеризација и бум во развојот на научните технологии, правата на жената се се уште под лупа. Не случајно оваа колумна го носи насловот на патот кон еднаквоста, бидејќи  патот го одиме, но има уште долги километри додека да стигнеме до крајната дестинација, а тоа е еднаквоста.

  Пред фактите и боговите молчат или во Диркемовски стил фактите се закон, а фактите во случај на родова еднаквост, посебно во политичка конотација, се далеку од поволни. И колку и некој да сака да биде саркастичен и метафоричен, а не ретко и злобен, алудирајќи на контестот дека постојано се говори за женски права и дека тоа е веќе надмината тема, апсолутно треба да се игнорира таквиот став, бидејќи се додека не се постигне еднаквост, во секој сегмент, меѓу двата пола, се дотогаш ќе има потреба од дебати, НВО активизам и притисок врз носителите на јавна власт за постигнување на еднаквост во вистинска смисла на зборот.

  Ајде да почнеме со бројот на жени кандидатки за градоначалнички и советнички, во склад со изборите кои се во тек и ќе се увериме во поразителните бројки. Најпрво за позитивните квоти околу кои се крена толкава фама и врева, квоти за кои многумина се изјаснија дека се дискриминирачки, но благодарение на кои одреден број жени, компетентни и квалитетни, влегоа во законодавниот дом и се на листите за локалните совети. Такви квоти не постојат во однос на градоначалници/чки и за извршната власт (министри/министерки) и тоа ни е сосема доволе показател да ги видиме и споредиме бројките, и секако на крај заклучиме дека без борба и квоти жените тешко успеваат во политиката. За жал кај нас, поради традиционализмот, вредносниот дискурс кој тешко се менува, менталитетот, се уште важи онаа старата поговорка дека мажот е за политика, а жената за во домот. Тоа е апсолутна невистина и табуизирана дилема, која токму жените политичарки, со нивните квалитети и компетенции ја урнале и докажале и покажале дека може да се многу подобри и поумесни политичарки во однос на мажите, а пред се во носење на политички одлуки и одлуки кои обединуваат и се во интрес на колективот.

  Историски гледано постигнат е значителен напредок во однос на женските права. Во тој контекст ќе ја парафразирам за мене омилената Симон де бувуар, која вели никој не се раѓа како жена, жена се станува. Таа дури и ги критикува одредени жени писателки кои не се противат на тврдењата за девијантноста на жената, стоејќи на ставот дека мажите се идеали кон кои треба да се стремат сите жени. Од денешен аспект девијантноста токму е во тоа тврдење, бидејќи се покажало и докажало дека одредени жени, како модели за идентификација и имитација, биле позитивен пример за други, кои успеале во својата активност и професија. Не сомнено треба да ја споеменуваме почесто Бувуар, бидејќи од неа ќе научиме дека и жените се способни да прават добри избори исто како и мажите, и на тој начин тие можат да ја подигнат својата свест, да отидат понатаму од "иманенција" кон "трансценденција", позиција која е одговорна, позиција во која единката ја избира слободата.

  Патот кон еднаквоста бил трнлив, прекриен со препреки и историски гледано, жените успешно чекореле по него, на мудар и себесвојствен начин надминувајќи ги препреките и храбро борејќи се со стереотипите и предрасудите. Но секоја епоха си носи и нови предизвици, пред кои жените секогаш стоеле исправено. Се почнало со правото на глас на жената, борба за еднакви работнички права и услови со мажите, борба за еднаква можност за вклучување во општествениот живот, се до борба за раководни позиции и места кои имаат одлучувачка функција. Историјата качила на пиедестал многу жени кои придонеле за женските права, но се уште една сентенца треба да ни биде ѕвезда водилка, а тоа е-МНОГУ Е НАПРАВЕНО, НО УШТЕ ПОВЕЌЕ ТРЕБА, БИДЕЈЌИ ЕДНАКВОСТА Е ПРАВО, А НЕ ПРИВИЛЕГИЈА.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?