НА ПРВИОТ ДЕН - 356 фирми побарале помош од мерката 14.500 денари за платите
Објавено во: Финансии 02 Мај, 2020
Вкупно 356 барања за финансиска подршка за исплата на плати (Образец БФП-ИП) се поднесени до Управата за јавни приходи преку системот Е- даноци во текот на вчерашниот ден, први мај 2020 година.
Тоа е првиот ден на кој фирмите имаа можност да аплицираат за оваа мерка.
„Врз основа на Уредбата за финансиска подршка за работодавачите за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, која беше изменета и дополнета на први мај, Управата за јавни приходи истовремено го постави образецот БФП-ИП согласно измените и го овозможи поднесувањето на Барањето за оваа финансиска поддршка, а резултатите се веќе очигледни уште на првиот ден“, соопштија од УЈП.
Затоа уште еднаш ги повикуваме работодавачите да аплицираат за оваа финансиска поддршка - 14.500 денари за исплата на плата за секој вработен, и да ја користат оваа поволност која ја донесе Владата на Република Северна Македонија, се со цел намалување на последиците од здравствено – економската криза Корона вирусот КОВИД -19 која го зафати целиот свет.
Даночните обврзници ги користат и другите анти-кризни мерки, односно ослободувањата од плаќање на аконтации на Данок на личен доход и Данокна добивка.
Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година,образец (ДД-ОМА) досега поднеле 688 даночни обврзници, а за ослободување од плаќање на аконтации на данок на личен доход, образец (ДЛД-ОМА) поднеле 380 даночни обврзници. Овие барања се комплетни и истите се потврдени од страна на Управата за јавни приходи.
линк:
http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/771