Назначен нов обвинител за предметот за смртта на малата Тамара
Објавено во: Македонија 23 Октомври, 2019
Анел Фидовски е назначен од Основното јавно обвинителство за нов обвинител кој ќе го застапува предметот за смртта на малата Тамара.
Ваквата одлука следува откако oбвинителката Наташа Гоџоска побара да биде изземена од предметот. Инаку за тоа што на осумгодишното девојче не му беше овозможено навремено лекување во странство обвинети се доктори од двете лекарски комисии, поранешните директори на фондот за здравство и претседателката на управниот одбор.
Од ОЈО за НоваТВ велат дека повлекувањето на Гоџовска е професионален мотив и дека не станува за притисок.
“Настанаа нови околности, се појави приватна причина поради која може да се побие целата постапка понатаму. Поради тоа обвинителката Гоџоска побара да биде изземена од предметот и сметаме дека постапи многу професионално за да не го доведе во ризик целиот процес“, велат од службата за односи со јавност во ОЈО.