26 Април, 2024
0.0289

НБРМ понуди на аукција благајнички записи по каматна стапка од 3,25%

Објавено во: Економија 12 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

На 10 октомври 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот, постојната монетарна поставеност беше оценета како соодветна на тековните услови во економијата. Комитетот оцени дека најголем дел од показателите битни за монетарната политика не отстапуваат значајно од очекувањата, но сепак постојат пунктови каде што е потребна одредена внимателност. Во таа смисла, на седницата беше одлучено на аукцијата на благајнички записи којашто ќе се одржи на 12 октомври, да бидат понудени благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари, на ниво на достасувањето од септемвриската аукција, по каматна стапка од 3,25%. 

Во однос на конкретните економски показатели, по падот на економската активност на  БДП во второто тримесечје, високофреквентите показатели за третиот квартал даваат различни сигнали. Поволни движења се забележуваат во градежниот сектор и трговијата, а воедно поволни се и сигналите коишто ги даваат и анкетните истражувања за економската доверба. Од друга страна, движењата во индустрискиот сектор се понеповолни во однос на вториот квартал. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за третото тримесечје се ограничени, заради што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активоста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првата половина од годината создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5% за цела 2017 година.

Податоците за инфлацијата за септември укажуваат на одредено забавување на годишната стапка на инфлација на 1,7%, при што просечниот годишен раст на цените во првите девет месеци изнесува 1,1%. Просечниот раст на цените во овој период е одраз првенствено на базичната инфлација, и во помал дел на цените на енергијата. Цените на храната и понатаму имаат негативен придонес кон просечната промена на цените, којшто сепак постепено се намалува. Остварувањата кај инфлацијата, главно се во склад со проекцијата, а очекувањата за влезните претпоставки за увозните цени на примарните производи главно се надолни, но сепак исклучително променливи. Во вакви околности ризиците околу проекцијата на просечната инфлација за 2017 година (1,3%) се оценуваат како врамнотежени.

Првичните монетарни податоци за септември 2017 година покажуваат намалување на депозитната база на банките на месечна основа, предизвикано од падот на корпоративните депозити, додека штедењето на населението продолжи да се зголемува, со забележани поволни поместувања во неговата валутна структура. Нивото на вкупните депозити на крајот на септември е пониско во однос на априлските проекции за третиот квартал. Во текот на септември, на кредитниот пазар, банките продолжија да обезбедуваат кредитна поддршка на секторот население, додека кредитирањето на корпоративниот сектор забележа пад, така што вкупните кредити на крајот на септември, се нешто пониски од очекувањата во рамки на априлската проекција.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките се намали, главно под влијание на повлекувањето на ликвидните средства заради трансакциите на државата што делумно беше надоместено со креирањето денарска ликвидност од интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од девизниот пазар. Во текот на месецот, банките продолжија активно да тргуваат на пазарите на пари, а вишокот средства на нивните сметки го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка.

За октомврискиот период на задолжителната резерва, кој започнува на 12 октомври, се предвидува зголемување на ликвидноста под влијание на движењата кај автономните фактори, што ќе овозможи надоместување и стабилизирање на ликвидносниот потенцијал на банките.

Во однос на надворешниот сектор, податоците за девизните резерви за септември покажуваат намалување во однос на крајот на јуни, што главно се должи на редовното намирување на обврските на државата врз основа на надворешниот долг. Притоа, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона.

Во однос на расположливите податоци за надворешниот сектор за третото тримесечје, нивниот број е мал и засега покажуваат движења во склад со очекувањата, а ова главно се однесува на податоците за трговскиот дефицит во периодот јули-август и последно расположливите податоци за менувачкиот пазар. Сепак, ограничениот број податоци и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за показателите од надворешниот сектор за целото тримесечје.

Движењата на девизниот пазар се релативно поволни, при што од август наваму, Народната банка интервенира на девизниот пазар со нето-откуп на девизи. Во септември, во услови на повисока понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар, Народната банка интервенираше со нето-откуп во износ од 9,0 мил. евра од банките поддржувачи. Анализирано според динамиката, во првата половина од месецот, во околности на повисока понуда и стабилна побарувачка на девизи, банките остварија нето-откуп на девизи во трансакциите со клиенти што беше проследено со умерен раст на нивната девизна ликвидност. Следствено, во втората половина на месецот банките имаа простор за надоместување на зголемената побарувачка на девизи од корпоративниот сектор поврзан главно со исплата на дивиденди кон странските инвеститори. Истовремено, зголемената нето-понуда на девизи од нерезидентите придонесе за повисока понуда и на меѓубанкарскиот пазар, проследено со намалување на меѓубанкарскиот курс до нивото на интервентен курс на Народната банка за откуп на девизи. Поволните движења на девизниот пазар во трансакциите со клиенти продолжија и на почетокот на октомври, што овозможи натамошен откуп на девизи од страна на Народната банка, во износ од 13,5 милиони евра, заклучно со 9 октомври.

Во септември, во глобални рамки во околности на засилени очекувања на инвеститорите за синхронизирана нормализација на монетарните политики на влијателните централни банки, на пазарите на капитал беше регистриран раст на приносите на инструментите со фиксен принос. На девизниот пазар беше забележано зајакнување на вредноста на американската валута, при очекувања за уште едно зголемување на каматните стапки од страна на централната банка до крајот на годината. Во еврозоната, преовладуваа позитивни макроекономски движења, но и засилени информации за политичка неизвесност по одржаните избори во Германија и настаните поврзани со Каталонија кон крајот на месецот.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција гледана преку остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здрави економски фундаменти.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи економските индикатори, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија