19 Април, 2024
0.0303

Нема друг да го собере ѓубрето по вашиот престој во природа - Млади во акција за собирање смет

Објавено во: Македонија 26 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Посетата на популарните излетнички места завршува со огромни купишта ѓубре. Посетителите најчесто мислат дека ќе „има кој да го собере“ тоа што го оставаат зад себе, но всушност придонесуваат во создавање на огромни депонии. Затоа младите од „За почиста Македонија“ решија да спроведат десетици акции на собирање смет. Со Марко Гапо, Петар Стевановиќ и Селина Ниеми разговаравме за потребата од организирање ваков вид акции, за тоа колку досега смет собрале и како сите граѓани да станат поодговорни додека се во природа на преубавите локации како Матка, Водно, Пелистер и други.


Што ве мотивираше да станете граѓански активисти кои го собираат ѓубрето, и како потоа идејата се претвори во организирани акции на собирање ѓубре?

Марко: Ние сме љубители на природата и планините уште пред да постои „За почиста Македонија“. Честопати на нашите прошетки и авантури по планини, покрај реки и езера и на ливади сме ја среќавале добро познатата неубава глетка од ѓубре оставено или фрлено од несовесни граѓани. Бидејќи ваквите „украси“ во природата ни претставуваа трн во око, наместо да ги игнорираме, во текот на нашите прошетки почнавме пропратно да ги собираме тие што ни се наоѓаа на патеката или на некоја полјана каде што ќе седневме да си одмориме. Ги собиравме бидејќи „кој друг ќе ги собере?“ Ги собиравме бидејќи сакавме да ги видиме местата што ги посетуваме во нивното природно и оригинално руво.

Тоа што забележавме е дека собирањето на ова ѓубре воопшто не ни претставуваше напор или обврска. Тоа го правевме со добра дружба, со музика во позадина, со зафрканции и глупирања помеѓу и одлично си поминувавме. Нашите авантури во природа добиваа ново значење, бидејќи местата што ги посетувавме ги остававме почисти отколку што ги имавме најдено. Покрај убавините на природата, оваа нова активност ни носеше дополнително чувство на исполнетост. Од тука се појави идејата: „Зошто овој менталитет да не го пренесеме и на другите луѓе?“

Со помош на Волонтерски Центар Скопје и проектот „European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum“, Петар Стевановиќ, основачот на „За Почиста Македонија“ имаше можност оваа идеја да ја претвори во движење на кое веднаш му се приклучија неговите чести сопатници на планините бидејќи веќе ги делеа истите идеали на движењето.

 


Првите чекори беа објавување пред/после слики на Инстаграм од исчистени места и упатување предизвик до другите да ни испраќаат исти слики од нивните прошетки. Ова беше отскочната даска на движењето бидејќи многу луѓе се приклучија кон предизвикот и бројот на следбеници брзо порасна.

После неколку мали чистки организирани со наши познаници конечно ја организиравме првата голема акција на Водно каде што ги повикавме сите што сакаа да се приклучат. На акцијата дојдоа преку 50 луѓе и собравме над 80 ќеси ѓубре. Ова беше доволен знак дека кај граѓаните има интерес за активизам и од тогаш континуирано организираме акции, влијаеме на социјалните мрежи и движењето расте.

Имате ли проценка колку диви депонии има во нашата околина, зошто постојано никнуваат нови купишта со отпад, колку помислата на граѓаните „ќе има кој да го собере” ја создава оваа грда слика за сите нас?

Петар: Немам ни проценка ни бројка колку диви депонии има во нашата околина, но можам со сигурност да кажам дека на секое излетничко место може да се најде по една. Минатата година кога бевме на чистка на Козјак имаше диви депонии на 2-3 места и расфралн отпад насекаде околу видиковецот. Иста слика не пречека и на Марков Манастир.

Мислам дека луѓето кои што го создаваат тој отпад и оставаат така да си седи во природа, не ни помислуваат на тоа „ќе има кој да го собере“, воопшто не ни мислат очигледно дека треба да е собран. Тие за жал немаат развиено здрав разум и не можат да сфатат дека и штетат на природата а и на самите себеси. Затоа верувам дека тој здрав разум мора да се развие уште во најмала возраст кај децата, само така можеме да имаме поубава и почиста природа во иднина.

Колку акции досега спроведовте, колкава количина на отпад досега е собрана и што е тоа што најмногу ве разочарало во поглед на несовесноста и неодговорноста на загадувачите?

Селина: Во текот на изминатата година, откако започнавме  да организираме поголеми чистки, собравме околу 1040 големи вреќи ѓубре. Сепак, количината е поголема бидејќи секогаш наоѓаме големи предмети на местата што ги чистиме, на пример, делови за автомобили, мебел и градежен отпад. Ако ги броиме поголемите чистки, вклучително и TrashTour, направивме 16 акции низ целата земја, така што би кажала дека бројот на собраниот отпад е прилично импресивен. Тоа, за жал, значи дека проблемот со отпадот е огромен во земјата, бидејќи можеме да собереме толкави количини ѓубре за толку краток период.

Шокантно е да се види игнорантноста на луѓето, особено во областите каде што одат да уживаат во природата и во населбите каде што живеат. Најдовме нелегални депонии каде што некој јасно има  дојдено со камион и само го фрлил својот отпад по реновирањето надолу во некој дол. Овие места се исклучително тешки да се исчистат откако купиштата стоеле таму со години.

Но, дури и најмалите дела на незаинтересираност од луѓето се многу разочарувачки, фрлање пикавци од цигари на земја или оставање ѓубре зад себе по пикник. Не можам да разберам дека луѓето сакаат да одат да уживаат во прекрасните места во Македонија, но не ги оставаат како што ги наоѓаат. Тие места на крајот може да се претворат во депонии во кои веќе никој нема да може да оди да ужива.

Има ли интерес од останатите за да се приклучат на акциите за собирање отпад или предлози кои локации треба да бидат исчистени следни?

Селина: Бројот на волонтери кои учествуваат во нашите акции постојано се зголемува. Би кажала дека досега имавме околу 300 волонтери на нашите акции. Има и голем број од оние кои постојано се враќаат на нашите чистки секој пат кога ги организираме. Во текот на изминатите месеци, исто така, можеме да видиме зголемен број на следбеници на нашите социјални медиуми, што значи дека постои интерес кај граѓаните да преземат акција, само тие честопати имаат потреба од канал од каде што можат да придонесат.

 

Највидлива заинтересираност и прилив на нови волонтери видовме за време на TrashTour, проект со кој движењето го однесовме и надвор од Скопје, правејќи турнеја од еко-акции во Кичево, Охрид, Прилеп, Кавадарци, Струмица и Штип каде што ни се вклучија многу организации и индивидуалци. Со цел позитивната енергија која владееше на оваа турнеја да ја пренесеме на останатите, настаните ги склопивме во еден краткометражен филм наречен TrashTour: The Movie!

Локации како Матка, Водно, Парк постојано ќе треба „некој друг да ги исчисти”. Во што го гледате трајното решение на проблемот со отпадот и загадувањето на животната средина?

Петар: Едно од решенијата кое верувам дека ќе донесе вистинска промена е да се наоѓаат и казнуваат граѓаните кои што се однесуваат неодоговорно кон природата и конкретно тие излетнички места и не си го собираат својот отпад по напуштање на истите.

Втора навистина потребна реформа која што ја прочитав и се надевам ќе биде донесена со закон е: да не се продава пластика за едно употреба во национални паркови, планини, заштитени подрачја. Верувам дека и со тоа ќе се намали загадувањето.

И секако дека треба соодветна едукација како кај помладите генерации така и кај постарите. Треба да се промовира и практикува навиката на трите Р (Reduce, reuse, recycle) намали, реупотреби и рециклирај. Едноставно мора да се намали менталитетот на конзумеризам кој што го имаме развиено во нашето општество и со тоа ќе помогнеме и на глобално ниво да имаме почиста природа. Купувајте помалку и само колку што ви е потребно!

Марко: Секако, за овие работи да се имплементираат, потребно е да се активираат институциите и да преземат мерки. Додека институциите спијат, не можеме да се движиме кон поголеми промени. Кога надлежните не работат, наша обврска како граѓани е да ги смениме. 

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите