Немаат работници, и пензионери се добредојдени
Објавено во: Балкан 15 Октомври, 2018
Во Словенија нема доволно работна сила.
Владата во Словенија планира субвенции за да мотивира што е можно повеќе невработени и пензионери да се вклучат на пазарот на труд.
Иницијативата доаѓа по критиките дека е полесно да се добива социјална помош или надомест за невработеност и да не се работи воопшто.
,,Се шокирам кога ќе слушнам дека во Словенија не се исплати да се работи и многу жалам што претходната Влада не успеа да го направи пофлексибилно законодавството за работните односи”, вели министерот за економија, Здравко Почивалшек.
Словенија работната сила мора да ја увезува. Тоа е и причината за помалиот раст на БДП од планираниот. Годинава во Словенија се регистрирани 74 илјади лица, но минситерот смета дека најмалку 20 000 од нив би можеле да се вработат веднаш.
Висината на минималните животни трошоци во Словенија годинава е проценета на 441 евра, а социјалната помош е зголемена на 331 евро. Минималната плата во земјата изнесува 638 евра.
Во Словенија во моментов се вработени скоро 70 000 странци, при што најбројни се од Србија, БиХ, Македонија, Косово и Хрватска.