Неочекуваните финансиски трошоци тежок товар за 58,5 отсто граѓани
Објавено во: Економија 10 Декември, 2018
Неочекуваните финансиски трошоци се тежок товар со кој не можат да се соочат 58,5 отсто од македонските граѓани, покажуваат последните податоци на Евростат.
Под нив не се подразбираат сметките за комунални услуги кои секој месец доаѓаат за плаќање, годишните обврски за данок, давачките за редовно одржување и сервисирање на домот и возилото или парите потребни за годишни здравствени прегледи. Како неочекуван финансиски трошок се смета ненадејното губење на работното место, голем здравствен проблем кој бара значаен износ пари за лекување, скап дефект на апаратите за домаќинство или автомобилот, тешка сообраќајка во кое возилото е многу уништено и слични проблеми кои не може однапред да се предвидат.
Во ЕУ, само еден од тројца луѓе не можат да се соочат со неочекувани финансиски трошоци (33,9 отсто) во 2017 година. Меѓу земјите-членки на ЕУ, овој процент е најголем во Латвија (59,9 отсто), Хрватска (56,2 отсто) и во Бугарија (53,2 отсто).
Помалку од една четвртина луѓе не можат да се соочат со неочекувани финансиски трошоци во Холандија (20,7 отсто), Австрија (20,6 отсто), Луксембург (20,4 отсто), Шведска (19,7 отсто) и во Малта (15,8 отсто).
Според статистиката, уделот на луѓе во унијата кои не можеле да се соочат со неочекувани финансиски трошоци се намалил во 2017 година во споредба со 2016 година (-2,5 процентни поени). Сите земји забележаа пад, со исклучок на Естонија и Данска (соодветно зголемување од 4,7 пп и 0,6 пп). Најголем пад се регистрирани во Унгарија (-19,3 пп), потоа Кипар (-6,5 пп), Малта (-5 пп) и Словенија (-4,6 пп).
M.Б.