25 Април, 2024
0.6084

Ништо од ветеното владеење на правото, насилници и кабадахии со кус фитил слободно хараат низ државата

Објавено во: Колумни 05 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Беќир Асани познат на јавноста како како висок функционер на огранокот на ДУИ за Чаир, човек со кус фитил, кој пред полна кафеана учествуваше во тепањето на Тодор Петров; пред неколку дена вербално нападнал полицајка која постапувајќи по словото на законот се дрзнала да повика пајак возило за да го отстранат луксузниот џип кој непрописно бил паркиран токму од него, барем така се вели во официјалното соопштение од МВР.

Очигледно Асани бил многу лут што токму неговиот џип бил целта на пајак возилото, и како што бидува, сиот бес "вербално" го истурил врз полицајката, а оваа онака од чиста мира, самата случајно се удрила во пајак возилото, па било неопходно да побара интервенција од колегите и секако да побара лекарска помош. Неверојатна приказна, приказна во која тешко некој ќе поверува, дури и тие што ја кажуваат како официјална верзија.

Очевидци на настанот кажуваа дека полицајката била и физички нападната од "познатиот и мирољубив" Асани, факт заради кој не се симнуваат снимките од камерите на околните објекти на ТЦ Мавровка, од ДУИ нема никаков коментар за настанот, ама нејсе.

Дека немало физички напад над полицајката потврди и таа самата на приемот кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски, кои беа во друштво со уште неколкумина високи старешини од министерството и секако бројните медиумски претставници.

Во текот на 35 години ефективна работа во полицијата, имало многу случаи кога полициски службеници се самоповредувале во вршење на службени задачи, имало многу случаи на напади врз полициски службеници во кои тие го извлекувале подебелиот крај, имало се и сешто и не се сеќавам, ниту јас, ниту некој од моите колеги дека за некој полициски службеник, министерот со своите најблиски соработници организирал прием со медиумска помпа, за лично да се информира за тие настани.
Ова е сериозна фарса и новина што ја воведува министерот за внатрешни работи, што на настанот, сакале да признаеме или не, му дава политичка конотација. Се организира прием за полицајката која повикала пајак возило да крене непрописно паркиран џип и при тоа во вербална расправија самата се повредила од пајак возилото, за од прва рака министерот да се информира како тоа се случило?! Морам да признаам дека сум трогнат од грижата на министерот за полицајката, бидејќи како што некој ден потоа изјави, за него случајот е затворен, против нарушителот на јавниот ред и мир е поднесена прекршочна пријава и дека за него главна грижа и преокупација биле полициските службеници, сината униформа, Уставот и спроведувањето на законите, а ако има сведоци, и нови моменти, ќе го информирале и јавното обвинителство. Какви сведоци барате, од тие што го познаваат кој смее гласно и јавно да каже што видел. Кој ќе ризикува потоа да биде малтретиран и прогонуван токму од Асани, неговите пајташи, а бога ми и од власта?!

Министерот со приемот што го организираше всушност покажа како се покрива случај во кој насилникот треба да се заштити од законот. Кога велам од законот, мислам од кривичен прогон, бидејќи според тоа што во јавноста со страв се говори е дека не станува збор само за нарушување на јавниот ред и мир, туку за напад на службено лице во извршување на службена задача. Целиот тој театар на организирање прием на полицајката, упатува на заклучок дека јавноста е во право и тоа не оди кон заштита на интегритетот на полициските службеници, не оди во прилог на спроведување на законот и најмалку во прилог на владеење на правото подеднакво за сите.

Каква порака се испраќа на полициските службеници - во иднина да внимаваат чие возило ќе биде подигнато од пајак службата?! Од сега натаму тие самите да ја селектираат правдата, па наместо лична карта, возачка и сообраќајна дозвола, да проверуваат чија партиска книшка поседуваат граѓаните. Кога веќе министерот говори за грижа за полициските службеници, нека побара информација за тоа од кога им се униформите, чевлите, чизмите и воопшто опремата за секојдневно извршување на полициските работи...за тоа има правилник, кој со години наназад не се почитува. Впрочем очајни и без никаков ефект се апелите од двата полициски синдикати на таа тема.

Се додека има недопирливи кабадахии, кои и да се и од каде и да се, за што го сметам и враќањето на возилото на директорката на УЈП со пајак возилото на истото место од каде беше претходно подигнато, од делот на тротоарот обележан како велосипедска патека; пуштањето на викенд на Ф. Б. кој издржува казна доживотен затвор (?!), институциите и полициските службеници ќе бидат понижувани и иссмевани во јавноста.
За возврат за "искреноста" на полицајката, сега веројатно ќе следи и некаква награда или нејзино унапредување, се самоповредила манифестирајќи воздржаност во случајот со кроткиот Асани, за кого и ОЈО до ден денес, и покрај тоа што помина скоро една година нема покренато обвинителен акт за тепањето на Тодор Петров, пред очевидци кои ќе излезе дека ништо не виделе.

Ова го пишувам не за да го потсетам министерот дека со овој гаф, не сакајќи покажа како се штитат партиските пулени од власта, туку да укажам дека сосема се во право критиките што стигнуваат од европските авторитети дека и покрај промената на (надворешната) политика, многу малку е направено во сферата на владеењето на правото, а тоа е основната претпоставка за спокојството и правната сигурност на граѓаните.

Новиот живот господа министри, не смее да подразбира организирање прием на полицајката што претставува преседан во полицијата од денот кога постои македонската држава; не подразбира наместо да се постапи согласно кривичниот законик за насилието на Асани да му се поднесе прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир; не смее не казнето да помине пуштањето од затвор на викенд на Ф. Б. кој е на издржување доживотна казна затвор; не смее не казнето да помине и однесувањето на директорката на УЈП и на пајак службата - да го врати возилото и повторно да го одложи на место кое е забрането за паркирање; не подразбира законот да важи и да се спроведува за едни, а за други не и некои да се третираат како недопирливи, а некои други да ги фаќа закон по сите основи. Простете, но од таков живот ни е преку глава, го имаме од осамостојувањето наваму, а вашето ветување беше дека нештата ќе се сменат, со кого тоа мислите да го направите, кога и како?! Министерот Спасовски најави, во иднина сите што ќе се огрешат кон законот ќе бидат санкционирани...што зарем сево ова до сега што се случуваше пу, пу, не важи?!

 Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД