Нобеловецот Хандке е непожелна личност во Сараево и Приштина
Објавено во: Балкан 11 Декември, 2019
Во Сараево и Приштина, добитникот на Нобеловата награда, австрискиот писател Петер Хандке е непожелна личност.
Партијата за демократска акција на Бакир Изетбеговиќ донесе ваква одлука, но истото го сторија и властите во Приштина.
На седница од СДА на Изетбеговиќ усвоија декларација со која го осудуваат доделувањето на Нобеловата награда на човек кој го негирал геноцидот во Сребреница.
Додаваат дека Хандке во времето на агресијата во БиХ, ги поддржал големосрпските идеи.
Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, на Фејсбук ја соопшти одлуката.
„Денеска одлучив да го прогласам Петер Хандке како непожелна личност во Косово. Од денеска тој е „персона нон грата“. Негирањето на злосторствата и поддршката на криминалците е страшно дело“ – напиша Пацоли.
Повеќе балкански земји, меѓу кои и Македонија го бојкотираа доделувањето на Нобеловата награда на Хандке. Писателот важи за голем пријател на српскиот народ и на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ.
фото АП