19 Април, 2024
0.0275

„Ноќ на домашни трилери“ со четири нови романи од македонски автори во издание на „Арс Ламина“

Објавено во: Мои пари 13 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Еден од најпопуларните книжевни жанрови на денешницата, трилерот, добива сè повеќе читатели, но и книги од домашни писатели. Доказ за тоа се четирите нови трилер-романи од македонски автори, во издание на „Арс Либрис“, дел до „Арс Ламина – публикации“, кои беа промовирани вчеравечер (12 септември) во рамките на Саемот на книгата 2021. На таканаречената „Ноќ на домашни трилери“ беа претставени новите македонски романи: „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски, „Опасна игра“ од Мери Арсова, „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски и „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска. Промоцијата ја водеа уредничките од „Арс Ламина“ Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.

„Афера во музејот на пари“ е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски, кое во стилот на најдобрите крими-трилери ни носи возбудлива приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Напредното познавање од областа на нумизматиката и вештиот раскажувачки стил на Кузмановски го прават овој роман убедлив и конкурентен на светските бестселери од овој жанр. На промоцијата тој истакна дека книгите, особено трилерите, му се пасија долго време.
– Љубител сум на трилери, крими-романи, ме фасцинираат добри заплети, умствени игри, добро изработени, а уште повеќе добро раскажани приказни. Имам неколку автори на кои имам посебна слабост, а во последно време откривам и некои нови кои знаат да ме освојат. Се надевам дека и на домашната сцена во скоро време ќе има подобра и поголема понуда... Една од причините за создавањето на приказната во романот беше веројатно и желбата малку повеќе да се заинтересираме за она што го имаме како културно богатство, а кое со години се раскрчмува по знајни и незнајни патишта. Она што го имаме документирано и зачувано би било добро да го видат колку што е можно повеќе луѓе, да бидат свесни за историјата по којашто чекорат и да научат малку повеќе да го ценат она што некој пред нас, веројатно и несвесно, ни го оставил во наследство – рече Кузмановски.
Приказната на „Афера во музејот на пари“ е сместена во Скопје. Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата. Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Потрагата по оригиналот почнува...

Во својот дебитантски роман „Опасна игра“, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами. „Опасна игра“е крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра.
– Идејата за романот се роди многу одамна, додека студирав на Правниот факултет и искрено не знам точно кој беше пресудниот момент за да почнам со пишување, но мотивот беше создавање на силен, женски лик кој на некој начин ќе биде поразличен од нас нормалните жени... Постојано, преку мојата работа сум во допир со криминални поведенија и кривични дела, па тоа ми се виде некако блиско. Но, секако најголемо влијание за да се определам токму за овој жанр имаше секојдневното читање на криминалистички романи. Читам секаков вид литература, но секогаш најдраги ќе ми бидат трилерите... На темата истражував многу долго време и пред да почнам со пишување, а и во текот на пишувањето. Секој ден учиме по нешто ново. Морав да почнам од почеток. Учев како да направам структура на приказна, како да создадам лик според правилата на пишувањето, па и како да напишам сцена. Постојано ги слушав мастер класовите на големите писатели како Ден Браун, Џејмс Патерсон, Маргарет Атвуд и др. Од нив научив многу работи за создавање фикција – истакна Мери Арсова на промоцијата.

„Храмот на натписите“ од Петар Стојановски е трилер-авантура што ќе ги однесе читателите на многу историски места што кријат таинствени симболи, кодови и изгубени древни градови. Приказната се случува во 2010 година, кога земјата на Консепсион, Чиле, почнува да се тресе. Во целиот тој хаос на Нивес ѝ приоѓа жена, која ѝ подава мистериозен предмет со шест симболи и во истиот момент починува. Нивес и нејзиниот брат Сантијаго се обидуваат да ја откријат тајната на предметот, кој ги води во три држави, од урбаните средини на Ванкувер до длабоките џунгли на Јукатан и Мексико. Тргнуваат на едно необично патување со многу тајни, но и опасности што ги демнат од сите страни... Авторот Стојановски, кој студира географија, вели дека можеби интересот да напише трилер-авантурите потекнува од изборот на професијата.
– Ние, географите, сме авантуристи во срцето и природата е нераскинлив дел од нашата душа и само таму се чувствуваме како свои... Имав еден период кога многу гледав документарци, читав таква тематика за старите и древни народи, за мистериите низ светот, за пирамидите, за необјаснетите цртежи и фрески што се наоѓани ширум светот, за необјаснетите градби, како што се пирамидите, за кои никој не знае и нема докази како се градени со толкава прецизност во тоа време. Идентични цртежи низ разни локации на светот, за тоа дека постоела пред нас некоја понапредна цивилизација итн. И така, древните Маи ми се видоа како најпривлечен народ за почнување на добра приказна и авантура. И така се решив на сериозен зафат од кој немаше назад, а не тоа да биде историска приказна, туку трилер што ќе се одвива во модерно време, но каде што тоа присуство на Маите ќе биде постојано во заднината... Би бил најсреќниот човек на светот доколку се сними филм или серија по приказната во „Храмот на натписите“. Сметам дека за еден автор или писател нема нешто поубаво од тоа да му се филмува делото. Тоа би било остварување на мојот сон, но никогаш не се знае, можеби, еден ден... – вели Стојановски.

„Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска зборува за тенката линија меѓу доброто и злото, во свет што го движи криминалот. Приказните на банкарот, криминалецот и јавниот обвинител се испреплетуваат. Тројцата немаат ништо заедничко, освен жената по која се во потрага. Таа е плен, а тие се ловците. Или, можеби, е обратно? Обидувајќи се да ја откријат и да ја фатат, тројцата ќе мораат да играат надвор од рамките на правилата и на законите. Дали целта ги оправдува средствата? Каде е црвената линија што обвинителот нема да ја премине во оваа опасна игра? А ако го стори тоа, ќе успее ли да се врати назад?
Марија Ралповска, која има дипломирано криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје, е млада авторка која зачекори во светот на литературата на четиринаесет години, објавувајќи го својот прв роман „Фрагарија“. Следуваат „Осумте чувари“ (2013), „Рај во пеколот“ (2015) и најновиот, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Сенки во подземјето“. Овој роман претставува плод на спојот помеѓу желбата за авантура и професијата како нејзин животен предизвик.
– Почнав да читам книги од најрана возраст. Тоа беа делата на Андерсен и браќата Грим, а подоцна и авантурите на Хари Потер и Нарнија. Кога пораснав, особено внимание ми привлекоа детективските приказни на Херкул Поаро од Агата Кристи. Тогаш почнав да читам книги од жанровите крими и трилер, а имам и изгледано поголем број криминалистички серии. Книгите што ги читам сега најчесто се од жанровите фантазија и трилер. Кога се запишав на Факултетот за безбедност, знаев дека во иднина ќе пишувам и крими-романи. Целото знаење што го стекнав за тие четири години го искористив при пишувањето, внесувајќи се во логиката на криминалците, од една страна, но и во примената на тактичките постапки, од друга страна, што се неопходни за да се разоткријат нивните намери. Оној што сака да биде добар полицаец, добар инспектор, мора да размислува исто како и криминалецот, за да може да држи чекор со него. Идејата за овој роман се роди во 2017 година. Сакав да напишам нешто со посериозна содржина, крими-трилер. Нафрлив неколку клучни реченици околу главната идеја и подоцна, како што пишував, така ја разработував идејата и ги редев сликите во романот. Она што ме мотивираше е вечната борба помеѓу доброто и злото. Таа не е црно-бела, ниту, пак, светот во кој живееме. Со романот сакав да ја доловам сликата на сивата зона, она што е блиску до граничната линија и дека понекогаш мораме да влеземе во сивилото за да се избориме за она што е праведно и добро. Истражував за романот, пред сè, во врска со локациите на коишто се одвива приказната. Додека пишував, немав замисла дека настаните се случуваат во нашата земја, па затоа одбрав градот да биде Париз. Местата и улиците се вистински и постојат во Франција, во Париз, каде што всушност се одвиваат повеќето настани – рече таа.

Во рамките на Саемот на книгата денеска (13 септември, понеделник), во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе биде претставена книгата „Животниот пат на иноваторот“ од Јоти Поповски.


Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.
Каталог со книги за возрасни 
Каталог со книги за деца

Се читаме на саем!

Пр објава

Можеби ќе ве интересира

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ