Новата власт на Мицотакис ќе дава парична награда за секое новороденче во Грција
Објавено во: Балкан 05 Август, 2019
Грција веќе подолго време има демографски проблеми, па затоа новата Влада предводена од премиерот Киријакос Мицотакис ќе доделува по 2.000 евра за секое новороденче.
Конзервативната власт ќе се обиде со низа демографски мерки да го подигне наталитетот, а освен еднократната помош, предвидена е и заштита од отпуштање од работа од 24 месеци по породувањето и воведување анонимно породување за намалување на бројот на напуштања на новороденчиња, дознава грчкиот весник „Real news“.
Станува збор за вкупно14 мерки кои ги подготвува Министерството за труд, а ќе се обезбедат 180 милиони евра за новиот додаток што ќе се подели на околу 90 илјади мајки, со исклучок на оние кои имаат високи месечни примања.
Меѓу 14-те мерки што ќе ги преземе грчката Влада, според весникот, се и: доделување стипендии за нови мајки кои се студентки, можност за избор кога ќе се искористи породилното отсуство, за родителите кои нема да најдат место за нивното дете во државна градинка, ќе се доделуваат купони од 180 евра за 10 месеци, продолжување на работното време на градинките и други.