НОВИ НЕМИРИ: На Лезбос се тепале мигранти
Објавено во: Балкан 30 Април, 2018
Инциденти синоќа имало меѓу бегалци и мигранти во прифатниот центар Мориа на грчкиот остров Лезбос.
Информативниот портал од островот, „Лезбос њуз“, пишува дека инцидентите се прошириле и надвор од кампот, а според непотврдени информации, неколку лица се повредени и пренесени во болница.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според последните официјални податоци од грчката Влада во прифатниот центар Мориа со капацитет од 3000 лица, сместени се 6885 бегалци и мигранти.
Синоќешните инциденти се случија неколку дена пред посетата на Лезбос на грчкиот премиер, Алексис Ципрас.
Според локалните медиуми, Ципрас, се очекува в среда или в четврток да биде на островот за Регионалната конференција на Владата.
Жителите планираат протести поради ситуацијата со бегалците, но и поради укинувањето на намаленото ДДВ на островот. Засега, не е познато дали грчкиот премиер ќе го посети и бегалскиот камп Мориа, што е еден од најпроблематичните прифатни центри во Грција и поради пренатрупаноста и поради честите инциденти меѓу бегалците и мигрантите.