Обвинителството следи кој ги „набуцкал“ протестите на социјалните мрежи
Објавено во: Македонија 18 Јуни, 2018
Учесници во протестите против договорот меѓу Македонија и Грција, за време на синоќешните протести се обиделе да извршат насилен упад во македонското Собрание. Полицијата ги документира сите случаи и тие денеска ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство - Скопје.
„Уште синоќа дежурниот обвинител бил известен дека полицијата задржала одредени лица. Откако за секое од нив полицијата ќе достави правна квалификација, односно какви дејства презело секое од задржаните лица, Обвинителството ќе постапува по пријавите“, велат за ДВ од Обвинителство.
Неофицијално, ќе следат и пријави за групи и лица кои преку социјалните мрежи повикувале на линч, убиства и закани за живот.
МВР синоќа соопшти дека „дел од демонстрантите на протестите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, обидувајќи се насилно да влезат во Собранието“.