Од истражниот затвор Шутка дадоа детали за инцидентот со Јанакиески и Ристовски
Објавено во: Македонија 21 Февруари, 2019
Надлежните дадоа детали за инцидентот во затворот Шутка.
Од Управата на истражниот затвор Шутка информираа денеска како дошло до физичкиот напад на екс министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, кои се во триесет дневен притвор по барање на обвинителството во рамките на истрагата за настаните во Собранието на 27 април, 2017 година.
На инцидентот најпрвин претходела вербална расправија која била предизвикана од Спировски кон еден од затворениците со иницијали Л.К, која подоцна преминала во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот.
„Подоцна повторно за време на редовна прошетка дошло до друг вербален инцидент предизвикан од Јанакиески кон друг затвореник со иницијали Е.К, кој преминал во физичка пресметка која исто така била веднаш прекината од службите на затворот“, информираат од Шутка.
Прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд. После инцидентите за лицата Јанакиески и Ристовски се обезбедени прегледи. Ристовски не побарал дополнителна медицинска помош, а Јанакиески се пожалил на болки по што е упатен кон болницата 8 септември.
Од управата посочуваат дека најостро ги осудуваат таквите вербални и физички инциденти и порачуваат дека насилството нема да се толерира и истото најостро ќе се санкционира.