20 Април, 2024
0.0248

Од Нова година ВМРО-ДПМНЕ со нов лидер - Ќе се тргне ли стигмата на „груевизмот“?

Објавено во: Колумни 02 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Никола Груевски и официјално потврди дека планира да поднесе оставка како претседател на ВМРО-ДПМНЕ која ќе биде пред партиските органи за потоа да може да се свика и организира вонреден конгрес на кој ќе се избере нов лидер. Груевски и по првиот круг по објавата на првичните резултати кои беа драматично лоши кажа дека одговорност за нив најголема има пред се тој како лидер на партијата, а посочи и дека ќе се изработела длабинска анализа која ќе ги утврди точните причини за губењето и на локалната власт.

Меѓутоа процесот на поднесување оставка очигледно е забрзан од повеќе настани кои се случија во последниот период. Груевски е ставен пред финалниот притисок за што доволно говори екстремно слабиот одзив на протестите на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на уапсените и приведените лица за кои Јавното обвинителство води истрага за крвавите настави во Собранието на 27 април. 

Речиси целиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ со Груевски како фронтмен на партијата се распаѓа. Нема ниту медиумска ниту експертска поддршка за изнесените ставови дека се работи за политички реваншизам во постапувањето на полицијата, судот и обвинителството и дека со апсењата и притворите на осомничените лица меѓу кои има пратеници, припадници на полицијата и организатори и директни учесници на протестите се вршел директен притисок за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ како партија.

Исто така можноста за нова дестабилизација на општеството преку масовни реакции на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ беше сосечена уште во старт со лидерската средба под покровителство на претседателот Иванов каде зад затворени врати се разговарало за спуштање на „топката“ и спречување на нови поделби во општеството. 

Засега може само да се шпекулира дали Груевски добил нешто за возврат со тоа што ја понуди својата оставка, бидејќи ако се сеќавате на повеќе негови јавни интервјуа тој порачуваше до власта на Заев ако треба нека го уапсат него и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ но, да ги остават на мира недолжните граѓани кои си ја бранеле државата и немале никакви лоши намери.

Токму затоа јавноста ја интересираат две клучни прашања, кога Груевски ќе си поднесе оставка и кој ќе биде негов наследник на челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ за што во периодов постојат бројни шпекулации.

Груевски откри дека анализата која ја најави за изборните резултати ќе биде готова во наредните две недели, па штом се разгледаат сите причини тој ќе може да си поднесе оставка и да ја подготви партијата за транзициониот период во длабока опозиција. За имињата на негов наследник засега не би сакале дополнително да шпекулираме бидејќи треба да се остави внатре во ВМРО-ДПМНЕ тоа прашање да се реши секако со транспарентна и демократска процедура, но едно е јасно од нова година ќе имаме сосема нова политичка опозициска структура која ќе треба напорно и реформски да работи за да ја избегне стигмата на груевизмот.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок