25 Април, 2024
0.0280

Одговор на Путин на американското игнорирање

Објавено во: Колумни 02 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин вчера, според реториката, како да го надгради минхенскиот говор од 2007 година на конференцијата посветена на безбедноста. Неговите зборови пред малку повеќе од десет години ја најавија новата Студена војна, која денес никој не сака да ја признае, а која сепак внесува студ во меѓународните односи. Пред се меѓу САД и Русија, а тука е и Европа, која секогаш била жртва или спореден играч во таа војна.

Путин зборуваше на традиционалното обраќање до двата дома на парламентот на три недели пред изборите за претседател на Русија, кои треба да се одржат на 18 март. Неговиот говор може да се смета за предизборен, дотолку повеќе што тој нема намера да учествува во јавните дебати со другите конкуренти за претседателското место. Говорот траеше неполни два часа. Кои беа поентите од говорот? Ако се гледа стенограмата од настапот објавена на сајтот на претседателот на Русија говорот имаше два дела. А беше проследен со збор, со графикони, со видео снимки и анимации. Првиот беше: што треба да се случи во наредните шест години, колку што трае мандатот на претседателот, а вториот што се случува со вооружувањето на Русија.

Па така во наредните шест години нивото на сиромаштија двојно би се намалило. Пензиите ќе растат. БДП по глава на човек ќе се зголеми за 50 проценти. До 2030 година просечниот животен век во Русија ќе надмине 80 години. Пет милиони луѓе секоја година ќе се вселуваат во нови живеалишта. Хипотекарните кредити ќе се намалат до седум проценти. Трошоците за здравството ќе се дуплираат. Продуктиноста на трудот ќе се зголемува. Ќе се води борба со корупцијата. Извозот што не е поврзан со јагленоводороди(нафта и гас) ќе се зголеми двојно. И Русија ќе извезува повеќе храна отколку што ќе увезува. Сите овие прогнози и тврдења беа проследени со уверување на Путин дека „тоа може да се направи“, дека „тоа е лесно остварливо“, а зошто да не се направи“ и сл.

Во вториот дел посветен на вооружувањето, Путин најнапред ја спомена Сирија и она што го покажа на што е способна руската армија. Потоа дека многу години Русија немала одговор на проширувањето на НАТО и американската противракетна одбрана во Европа. Американското излегување од Договорот zaPRO. Сега таа има нова балистичка ракета, крилата ракета со нуклеарен мотор, подводно беспилотно пловило, хиперсонични ракети, се работи на боева глава, која сама го планира својот лет и воени ласери. Путин вчера по малку  потсетуваше на нашиот бивш премиер Никола Груевски и неговиот министер Никола Тодоров кога објаснува нешто, па сакаа да покажат практични знаења. Тодоропв дури кажуваше како се оперира!. Така и Путин во излагањето кога зборуваше за брзината на суперсоничната ракета споменуваше брзина од неколку маха, па кажуваше дефинција за мах и сл. Такво оружје нема никој во светот и против него бесполезни се сите постојни технологии. „Не не’ послушавте порано. А сега чујте не’“, рече Путин. Русија не успеавте да ја одвратите. Но ние никому не се закануваме. Вака некако изгледаа пораките на Путин.

Кому му беа испратени тие. Пред се на избирачите. Секој сака во изборна кампања да чуе нешто што ќе го привлече да го даде својот глас. Во Русија се знае кој ќе биде победник на изборите, па затоа и тие нема да бидат интересни. Сега се води битка за излезност. Да се даде легитимитет на победникот. Оттука Путин зборуваше работи кои сака да ги чуе секој избирач. Дека ќе има поголеми пензии, дека ќе има подобро здравство, помалку корупција, повеќе станови, поголеми плати...И кога на сето ова ќе се додаде и силата на руското оружје, тогаш избирачот може да биде привлечен да оди да гласа.

А што кажа своевремено Путин во Минхен? Прво дека еднополарниот свет не е прифатлив, но и невозможен. Ова се потврдува денес, кога Американците иако се најмоќна држва во светот, не се спокојни од растот на Кина, Русија, но и други држави, а особено од идеите за Европа-подеднакво оддалечена од САД и Русија. Втора работа што ја кажа Путин беше спротивставувањето на САД да ги наметнуваат нивните правила надвор од нивните граници. НАТО се шири, а ние го почитуваме договорот за конвенционалните сили во Европа и не реагираме на тие дејствија. Што стана со гаранциите дека НАТО нема да оди на Исток по распуштањето на Варшавскиот пакт, праша Путин. Исто така зошто САД не го почитуваат договорот намалување на нуклеарното оружје до крај како што е предвидено.

Ваквите зборови на Путин и тогаш насочени главно против САД беа коментирани како вовед во нова „студена војна“. Путин, според некои набљудувачи, со својата отвореност во Минхен сакал западните партнери да ја имаат предвид неговата загриженост  и да направат неколку напред кон некаков договор. Но се постигнал обратен ефект. Планот Б е она што е Русија денес. Така може да се толкува и вчерашниот говор на Путин, како повик до САД да седнат да разговараат, но овој пат направен со демонстрација на сила.

Нормално реториката на Путин вчера не беше случајна. Во време кога на Западот се шири антируска кампања, кога небаре Русите се виновни за сите негови несреќи со кибернападите низ мрежите на американските служби, низ европските инфраструктурни објекти, низ индустријата..., во време кога Американците во својата нуклеарна стратегија најавуваат мали ракети со нуклеарно полнење, кои не се опфатени со никаков договор, па можат да се користат во „мали“ војни, во време кога западните медиуми пишуваат дека руското министерство за надворешни работи е наркотрговец, во време кога некоја Настја-рипка бара политички азил во САД за да го „комплетира рускиот пазл на Трамп“, Русија мора да каже нешто како одговор на таквата офанзива. Одговорот е слушнете не’ и ако имате нешто вие сега барајте не’ да разговараме и да се договараме. Дрзок, но и отворен. Можеби досега нечуен. Впрочем еден американски политичар убаво кажа. „САД покажаа три нови оружја, а Русите четири како одговор. Ова нема добро да заврши“, напиша тој на својот твитер.

За поранешниот американски амбасадор во Русија, Мајкл Макфол, излагањето на Путин е повик за будење на Доналд Трамп. „Време да се застане со преправањето дека „Влад може да биде негов другар“. И време за обновување на преговорите со Москва за контрола на оружјето. Новиот договор STARTбара амандман сега. Под итно“, напиша Макфол на неговиот твитер. Истовремено додавајќи дека излагањето на Путин, „можеби нема да биде враќање кон Студената војна, но најверојатно е Топол мир“.

Пентагон не е зачуден од изјавите на Путин. Им препорача на Американците да бидат уверени дека САД се во целост подготвени. Одговарајќи на прашање дали САД можеби го испровоцирале создавањето а новото Руско оруже, претставникот на Пентагон, Дана Вајт, за медиумте нагласи противракетната одбрана на САД не е насочена против Русија и во Русија „тоа го знаат“.  Стејтдепартментот, пак, говорот на Путин г поврзува со изборите во Русија. Изјавите за новото оружје делумно се „покажаа како нова информација“ за Вашингтон, иако американските специјални служби некои работи ги следеле некое време. А настапот на Путин „е за пред публика“.

Реално гледано многу работи од искажаното на Путин е предизборно. На пример, како ќе го зголеми двојно извозот на производи кои не се нафта или гас. Русија не  направи досега структурни промени во стопанството и се уште е многу зависна од извозот на суровини. Затоа покрај доброто лоцирање на проблемите прашање е како сето тоа ќе се реши. Исто така е прашање колку Русија може да издржи трка во вооружување кога се знае дека САД трошат десет пати повеќе пари за одбраната отколку Русија. Овде има друга работа која не излегува засега на површина. Како ќе реагираат ЕУ и Кина на сето ова. Зашто Путин во своето излагање ја спомена и Кина како стратешки партнер. Особено сега кога кинескиот претседател Си Џинпинг е на прагот да стане она што е Путин во Русија, па дури и повеќе, со укинувањето на ограничувањето на реизборот за претседател. Ако ЕУ не застане во целост зад САД, како досега, тогаш нема да изненадат изјавите за создавање на посебна европска одбрана.

Обраќањето на Путин до САД најправилно е да с толкува како обраќање до претседателот Трамп. Како повик до него да се изјасни дали ќе разговара со Путин околу светскиот мир или нема. Американците изминативе години водеа игнорантска политика кон Русија. Русите преземаа разни дипломатскипотези, успешни и помалку успешни, а Американците како да стоеја настрана и си го работеа она што тие сметаа дека е од нивен интерес. Сметам дека токму игнорирањето од страна на САД е најголемата „болка“ на Путин. Но притоа не треба д се сметне од ум дека многу од она што тој го кажа во Минхен се оствари. Дали по некоја година одново ќе го споменуваме вчерашното обраќање на Путин до депутатите и сенаторите?

За крај, едно интересно размислување од руски експерт. Тој вели: „Јас мислам дека има некои работи, кои ние не ги знаеме, има некаква информација со која располага многу тесен круг лица и ова (демонстрацијата на оружјето од страна на Путин) беше разговор на еден човек, со друг човек, кој исто така ја има таа информација. Грубо говорејќи на Путин со Трамп“.  Можеби овде има голема вистина. А што е тоа што би го знаеле тие, и малкумина други, веројатно ќе дознаеме по завршувањето на изборите во Русија. Да се стрпиме до 18 март.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД