19 Април, 2024
0.0265

Огласите за работни места треба да се рамноправни, а не награда за партиска лојалност

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Граѓаните на Република Македонија од првиот ден на нејзината самостојност чекаат политичарите да ги остварат своите ветувања за институции со интегритет, за социјална правда, за правна држава во која ќе владее правото подеднакво за сите без разлика на нивната национална, верска политичка, полова припадност и без разлика на нивниот социјален статус.

Меѓутоа, цели 26 години Република Македонија не може да се пофали дека има институции со интегритет, нема ниту социјална правда, но тоа што е најстрашно, правдата и владеењето на правото е привилегија за оние што се во власта како и за тие што се блиски до неа. Примери безброј, последиците поразителни - изгубени човечки судбини, растурени семејства, осиромашени граѓани, исселени млади стручни кадри, до состојба граѓаните од своите пари што ги одвојуваат за даноци, државата да им ги плаќа придонесите, најчесто на минимален износ затоа што се вработени во странските капацитети во слободните индустриски зони.

Незадоволството во континуитет се манифестираше, што јавно и отворено, што потајно, протести, контра протести, Извештај на Прибе, СЈО, шарена револуција...предвремени избори, ќе ги има, па нема да ги има, медијатори, еден, друг, договор од Пржино, еден, два, се со надеж дека работите ќе се променат на подобро, дека овие граѓани ќе дочекаат да видат сопствена држава со сите свои атрибути, согласно Уставот и законите на Република Македонија. За сето тоа време шефот на државата под стаклено ѕвоно во удобната вила на Водно, гласно молчи.

Дојдоа и предвремените парламентарни избори. Конечно се случија и промени и покрај тоа што партијата што освои најголем број гласови на изборите, стана опозиција.
Новата влада, новото владеачко мнозинство ветуваше живот за сите, ветуваше борба против криминалот и корупцијата, почитување и владеење на правото подеднакво за сите...нов пристап во практикувањето на власта и демократијата воопшто.
Сепак, изгледа дека Владата и парламентарното мнозинство не ги одржаа дадените предизборни ветувања.

Можеби очекуваа дека ќе затекнат поинаква состојба во државната каса, во институциите, во администрацијата, но како можеа да не знаат какви се состојбите таму кога со години наназад сето тоа го критикуваа.

Бевме сведоци како опозицијата во законодавниот дом ја развлекуваа и ги опструираа дискусиите по точките од дневниот ред и сето тоа во рамките на законот и собранискиот деловник.

Исто така бевме сведоци на фактот дека позицијата не ги изгласа препораките на Народниот правобранител за подобрување на состојбата со човековите слободи и права...и не минува објаснувањето на пратеникот Тунтев дека пратениците биле изморени, деконцентрирани и едноставно не гласале, а биле во собраниската сала. Какво е тоа објаснување?! Дали некој работник ќе биде амнестиран од одговорност ако заради замор или деконцентрација квалитетно не ја заврши својата работа?!
Впечаток е дека парламентарното мнозинство не било координирано и не добило насоки од извршната власт како и за што да гласа. Со еден збор, се повторува прикаската од претходниот состав на Собранието.

Сепак, круна на се беше Одлуката на Владата на Република Македонија и соопштението од месец Август, според која Владата именува нови директори на одредени институции, меѓу кои и на регулаторни тела (?!).

Не се спорни кадровските промени во институциите за кои надлежност има Владата, спорни се Регулаторните тела, бидејќи тие се независни и за својата работа одговараат само пред Собранието. Нивните директори се избираат на јавен оглас, со утврден мандат, а ги избира Управниот одбор на тие тела. Владата не смее да се меша во изборот и поставувањето на директорите на регулаторните тела, пред се заради тоа што нивната независност е свето правило дефинирано во Париските принципи. Сепак, Владата излезе со соопштение и ги објави најголем дел од имињата на новите директори, вклучително и на регулаторите, освен за оние за кои коалиционите партнери требаше да дадат свои кадри.

Значи, Владата си го поделила колачот, кои места која партија од владеачката коалиција ќе ги добие...така, се говори дека за директор на АЕК ќе биде поставен кадар од ДУИ.
Низ дневниот печат се среќаваат огласи за вработување во администрацијата на албанец, на ром, на турчин...(?!). Веројатно идејата е да се поттикне и балансира правичната застапеност на сите етнички заедници, но пристапот е погрешен и предизвикува штетни последици на долг рок.

Огласот за кое било работно место, мора да биде натпревар под еднакви услови за кој и да е граѓанин на Република Македонија, а работната позиција треба да ја добие најдобриот од кандидатите, така е во развиените демократски земји со квалитетна администрација.

Дури и во Уставот на Република Македонија се афирмира стручноста и компетентноста, како и еднаквите можности за достапност на секое работно место под еднакви услови за секого, или можеби сега тој дел од уставот повеќе не важи?!
Во вакви услови, со продолжување на една ступидна пракса, која од пред три години има покритие и во законот, министрите наместо да се жалат на квалитетот на кадрите, треба итно да бараат смена на постојните дискриминаторски и против уставни одредби, за огласите да бидат натпревар, а не награда за нечија партиска лојалност.

Не смее да се допушти крунски изговор за гала трошењето буџетски пари да биде дека тие претходните истото го правеле, а не знаењето и не способноста да се менаџираат одредени суштински работи во општеството, и натаму да се покриваат со смешни и неиздржани изговори.

Хипотетички, дали ако Бил Гејтс беше македонски граѓанин и по некоја случајност аплицира за директор на АЕК, нема да може да го добие работното место само затоа што не е кадар на ДУИ?!

Верувам дека отсуството на љубов не е повод и причина од земјата да се исселат илјадници млади, стручни кадри, во кои токму државата Република Македонија инвестирала, но за жал, бенефитот од таа инвестиција ќе го користат економиите на некои други држави и се прашувам кој ќе биде последниот мохиканец, опс, последниот македонец што ќе го изгаси светлото!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок