Орка Холдинг: Камчев не финансирал изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2019
Орка Холдинг најостро демантира дека Јордан Камчев или која било од неговите фирми ја финансирала изборната кампања на ВМРО - ДПМНЕ, стои во реакцијата од компанијата. Костадин Костадинов портпарол на СДСМ денеска обраќајки му се на лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски праша дали Камчев бил финансиер на кампања на опозициската партија на последните претседателски избори. Костадинов не понуди докази за тоа, а од Орка Холдинг велат дека овие тврдења се на ниво на шпекулации и произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение односно се резултат на препукувањето меѓу партиите.
„Недозволиво е со цел освојување на ситни партиски поени да се задава ваков удар на приватните компании кои како значајна гранка од економијата на оваа држава успешно работат и без никакви државни тендери или државна помош вработуваат огромен број луѓе и придонесуваат за нејзиниот развој. Во случајов, ја информираме јавноста дека станува збор за компанија која моментно вработува 2.670 луѓе и само во периодот од јануари до јуни годинава во буџетот на РСМ, по основ на различни даноци и придонеси исплатила 14 милиони евра. Во истиот период, по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 17 милиони евра од кои 5 милиони евра за придонеси, стои во демантот од Орка Холдинг.
Оттаму сметаат дека државата и партиите се оние кои треба да го поддржат и помогнат работењето на ваквите компании, а не да го рушат нивниот углед и да фрлаат црна сенка на нивното работење.