29 Март, 2024
0.0338

Основите на соларната енергија

Објавено во: Мои пари 06 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Соларната технологија има постигнато многу во својот развој од сеќавањата од нашето детство на калкулаторите и дигиталните рачни часовници што се напојуваат со ситни соларни ќелии. За неколку децении, сончевата енергија стана еден од главните кандидати за водење на енергетската транзицијата во светот подалеку од валканата енергија од фосилни горива. Исто така, сончевата енергија игра голема улога во борбата против климатската криза.

Нашето постоење и преживување на планетата секогаш оделе рака под рака со сонцето и неговото директно влијание врз нашиот опстанок. Сончевата топлина е важна за опстојувањето на многу земјоделски  култури и за сушење на храната. Од средината на 50-тите години на минатиот век ние ја користиме моќта на сончевата енергија и за работата на фотоволтаичните панели (ПВ). Оттогаш, технологијата за искористување на соларна енергија има унапредено уште повеќе и тешко е да се размислува за обновлива енергија без да се замислат површини со соларни панели кои светкаат на сонцето.

Обновливите извори на енергија (или чиста енергија) се однесуваат на енергијата што „доаѓа од природни извори или процеси кои постојано се надополнуваат и обновуваат“. Со оглед на еколошката и климатската криза со кои се соочуваме како резултат на емисиите на стакленички гасови од валканите извори на енергија, лесно може да се види зошто толку многу истражувања и развојни програми, но исто така и надеж, се инвестираат во секторот за обновливи извори на енергија.

Според Националната Лабораторија за Обновлива Енергија (National Renewable Energy Laboratory) во САД, „За еден час од сонцето на земјата паѓа повеќе сончева енергија отколку што сите луѓе во светот искористуваат за една година“. Оваа неверојатна статистика навистина го истакнува огромниот потенцијал на сончевата енергија и објаснува зошто секторот добива толку многу значење.

Видови на сончева технологија

Кога разговараме за сончевата енергија вообично веднаш помислуваме на ПВ технологијата. Оваа технологија се карактеризира со панели што се поставени на покривите на домовите, во заедниците, на сончевите фарми, па дури и со сончевите фарми кои лебдат на вода. Тие се изработени од материјали како силикон и имаат можност да ја апсорбираат сончевата светлина и да ја претворат во електрична енергија. Силиконската варијација на ПВ технологијата е онаа што ние во моментов сме навикнати најмногу да ја гледаме, но има и други видови на ПВ-панели кои се погодни за различни намени. Сончевите ќелии со „тенки филмови,” како што сугерира името, се многу тенки, флексибилни и лесни што ги прави корисни за различни површини и за преносни апликации. Исто така, се прават многу истражувања за да се разгледаат алтернативни материјали за градење на соларни ќелии, вклучувајќи можност за употреба на органски материјали и/или други материјали што може да ја зголемат ефикасноста и да ги намалат трошоците и негативните влијанија на некои од компонентите што моментално се користат во соларната технологија.

Некои видови на технологија на соларни панели исто така најчесто се користат како дел од системот за загревање на вода во домовите и други објекти. Сепак, соларната енергија има повеќе можности од само ПВ панелите. „Пасивната” соларна технологија се однесува на тоа како зградите и просторите се дизајнирани или реновирани со цел да се овозможи енергијата од сонцето пасивно да ги загрева и да ги лади просториите без да користи електрична енергија. Други видови механизми се користат во нешто што се нарекува „сончева процесна топлина.” Овде, трговските и индустриските згради имаат корист од инсталираните системи што можат да загреваат вода, да обезбедат вентилација, како и ладење на просториите.

„Концентрираната соларна енергија” (CSP) е кога голем број огледала или леќи ја рефлектираат сончевата светлина врз приемник што ја претвора светлината во топлина. Оваа топлина напојува моќен мотор или турбина на пареа која потоа е поврзана со извор што произведува електрична енергија.

Соларна енергија во Македонија

Македонија во просек има 280 сончеви денови односно околу 1.500 сончеви часови годишно, поради што земјата во позиција навистина да има голема корист од добро планираната и добро поставена соларна технологија. И покрај ова, интересно е тоа што во 2018 година само 0.4 % од потребната енергијата во земјата потекнува од соларната енергија и плановите на земјата за енергетска транзиција сè уште се претежно фокусирани на хидроенергијата. Во своето т.н. „зелено сценарио“, енергетската стратегија за Македонија планира енергетскиот капацитет од ПВ извори да порасне на 1.400MW. Во изминатите неколку месеци, владата започна со тендерска постапка за претворање на фабриката за лигнит Осломеј во соларна фарма од 100 мегавати и инсталира соларни панели на покривот на 108 јавни згради низ целата земја; од училишта до клиники, до противпожарни станици.

Доброто, лошото и иднината

Обновливите извори на енергија полека, но сигурно го трасираат патот на енергетската транзиција на глобално ниво. Во 2018 година, инсталирани беа повеќе обновливи енергетски капацитети отколку капацитети на нови фосилни горива и повеќе од половина од обновливите енергетски капацитети  беа соларни. Во моментов, околу една третина од светскиот енергетски капацитет е во секторот обновливи извори, но оваа статистика вклучува и хидроенергија, која, како што претходно пишувавме, е многу проблематична. Индустријата за обновливи извори на енергија во моментов опфаќа 11 милиони работни места ширум светот; најголем дел од кои се во соларната индустрија. Значи, соларната технологија не го загадува воздухот и не испушта стакленички гасови, секоја година станува се’ поекономична, технолошките достигнувања во соларната индустрија ја прават технологијата се’ поефикасна, истата создава многу работни места, а сонцето обезбедува неограничен извор на енергија. Она што можеме да заклучиме е дека ова би бил совршен извор на енергија; сепак, постојат неколку сериозни проблеми околу оваа навидум безопасна индустрија кои треба да се решат.

Ако зборуваме за соларни фарми, мора да го земеме во предвид употребата на земјиштето. За да се произведат големи количини на енергија, потребни ни се големи  површини. Ако просторот и површините за соларни фарми не се добро испланирани, можно е да дојде до загуба на живеалишта и загуба на земјоделско земјиште. Големината на потребното земјиште зависи од користената технологија и топографијата на просторот. Ова може да се реши со употреба на кафеави полиња (урбани области кои претходно имале развој на нив), напуштени рударски места, патеки за транспорт или дури и одредени видови на тела на вода, како локации за соларни фарми. Најголемиот проблем околу соларната технологија лежи во материјалите што се користат за производство на компоненти како ПВ панели и придружната технологија. Како што расте побарувачката за соларна енергија, така ќе се зголеми и побарувачката за „еколошко чувствителни“ материјали како што се бакарот, литиумот и кобалтот како материјали за батерии што се користат во складирањето на енергијата. Екстрахирањето односно извлекувањето на овие материјали преку рударството има сериозни влијанија врз животната средина и општественото уредување, особено врз заедниците кои живеат близу местата на екстракција. Овие проблеми беа потенцирани и од граѓанското движење против рудниците во југоистокот на државата во последните неколку години. Меѓу другото, соларните панели го достигнуваат крајот на своето времетраење по приближно 30 години, и тогаш мораме да се соочуваме и со предизвиците поврзани со отпадот, депонирањето и рециклирањето на истите.

Прашањата околу материјалите потребни за обновлива технологија се огромни и сложени и истите ќе ги дискутираме во посебна статија во блиска иднина, но накусо, соларната технологија може да се смета како соодветно решение во енергетската транзиција и борбата против климатската криза ако се земат во предвид: одговорните практики за добивање на материјалите потребни за складирање на добиената енергија, технологијата стане поефикасна и ако рециклирањето на старите материјали стане дел од политиката и законската рамка во земјата.

За крај, мора да имаме во предвид дека едноставното „заменување” на процесите од кои ја добиваме нашата енергија од валкана (фосилна) во обновлива, а притоа не справувајќи се со основните недостатоци и неправедности во моменталниот социо-економски систем кој се заснова на нееднаква дистрибуција на богатство, енергија, ресурси и го препишува успехот на „високиот БДП,” ризикуваме и во иднина да пропаднеме во истите стапици и вкрстени кризи во кои се наоѓаме сега.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Извори

  1. Renewable Energy: The Clean Facts (NRDC)
  2. Environmental Impacts of Solar Power (UCS)
  3. Solar Energy Basics (NREL)
  4. The Global Transition to Clean Energy, Explained in 12 Charts (Vox)
  5. Renewable energy statistics (Eurostat)
  6. If Solar Panels Are So Clean, Why Do They Produce So Much Toxic Waste? (Forbes)
  7. An overview of solar photovoltaic panels’ end-of-life material recycling (2020) Chowdhury et al
  8. Where will the Materials for our Clean Energy Future Come From? (The Verge)
  9. Responsible minerals sourcing for renewable energy (Report by the Institute of Sustainable Futures)
  10. A Just(ice) Transition is a Post-Extractive Transition (Report by War on Want & London Mining Network)
  11. Solar PV panels installed on 108 public buildings in North Macedonia (Balkan Green Energy News)
  12. ESM, Girişim sign deal for 10 MW Oslomej PV plant in North Macedonia (Balkan Green Energy News)
  13. The energy sector in North Macedonia (Bank Watch)
  14. Strategy for Energy Development of the Republic of North Macedonia up to 2040

За авторите

Симона Гетова

Симона е вклучена во кампањи за заштита на животната средина и климатска правда, организирање на заедници, алтернативно образование и градење на капацитети кај младите од 2012. Изминативе 4 години, таа работи и во областа на интегрирани политики за клима и енергија. Нејзината работа и истражувања досега се во областа на алтернативите предводени од локални заедници и на користењето на интерсекционален пристап и design-thinking методологија за создавање на подобар свет за сите. Симона има BSc во Бизнис Администрација со концентрација на Финансии и Менаџмент и МSс во Наука за животната средина, Политики и Менаџмент.

Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.


Можеби ќе ве интересира

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија