Ова биле последните зборови на убиениот новинар Кашоги
Објавено во: Свет 10 Декември, 2018
Познати се последните зборови кои ги изговорил убиениот саудиски новинар, Џамал Кашоги.
Последните зборови кои ги изговорил убиениот Кашоги, откако бил затворен од страна на саудиските напаѓачи во конзулатот во Истанбул биле „Не можам да дишам“, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори блиски до истрагата.
Изворот кој го преведувал транскриптот од аудио снимката од последните моменти на Кашоги, изјавил дека било јасно дека неговото убиство на 2 октомври е планирано.
„Не можам да дишам“, повторил тој три пати.
Во транскриптот се наведува дека на снимката се слуша звук на пила, како и музика која убијците ја пуштиле за да го неутрализираат звукот на сечење на телото на убиениот новинар.
По убиството направени се неколку телефонски разговори во кои некој е известен за убиството.
Кашоги на 2 октомври влегол во саудискиот конзулат за да добие документи неопходни за венчавка со својата девојка од Турција, а што влегол, препознал еден маж и го прашал што прави таму.
Се работи за Махер Абдулазизу Мутреби, поранешен саудиски дипломат и разузнавач кој работи за саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман.