Oва се двете земји кои сакаат проширување на ЕУ
Објавено во: Свет 13 Јуни, 2019
Австрија и Словенија се за продолжување на проширувањето на Европската Унија.
Претседателите на двете земји, Александер ван дер Белен и Борут Пахор, денеска изразија поддршка за продолжување на процесот на проширување на ЕУ и отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија.
„За кредибилитетот на ЕУ би било добро ако во овој случај преземеме чекори и не ги разочараме луѓето во тие земји“, посочи Ван дер Белен на заедничката прес-конференција во Виена.
И претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, во разговорот со Пахор истакнал дека Австрија ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Пахор и Соботка навеле дека интеграцијата на балканските земји е долг процес, кој бара трпеливост.
Претседателот на Словенија, според соопштението на австрискиот парламент, истакнал дека Западен Балкан во преговорите за ЕУ треба да се гледа како целина.