„ПАДНА“ МАФИЈАШКАТА КУМА: Италија апси мафијаши, меѓу нив и жена водач на мафијашко семејство
Објавено во: Свет 05 Декември, 2017
Италијанската полиција уапсила 25 мафијаши, меѓу нив и жена која водењето на мафијашкото семејство го наследила од сопругот, убиец осуден на доживотен затвор, пренесоа светските медиуми.
Марија Анџела Ди Трапани ја водела мафијата во Резутани, една од осумте квартали во сицилијанскиот главен град Палермо, објавија карабињерите.
Ди Трапани и останатите уапсени се обвинети за припадност на мафијата, изнуда и поседување на украдена стока. Локалните трговци биле присилени да им плаќаат заштита, објаснува Анса.
Мафијашката кума Марија веќе поминала седум години во затвор поради тоа што посредувала помеѓу сопругот Салвино Мадоња и членовите на неговото мафијашко семејство.
Жените на чело на мафијашките семејства се голема реткост но ги има. Во почетокот на годината италијанскиот суд ја осуди Патрисија Месина Денаро, чиј брат е еден од водечките мафијашки бегалци, на 14 и пол години затвор.