ПЕРИНСКИ ИМА ПЛАН И ВИЗИЈА ЗА СКОПЈЕ: „Воопшто не ме фаќа страв да бидам кандидат за градоначалник на претстојните локални избори
Објавено во: Македонија 14 Декември, 2024
Министерот за локална самоуправа Златко Перински ја изрази својата искрена поврзаност со Скопје и мотивацијата за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, на гостувањето во поткастот на „Плусинфо“ во едицијата „Размислувај глобално, делувај локално“ со Мартин Богатиноски.
– Имам план како да ја реализирам мојата визија. Емотивно сум врзан за градот Скопје и искрено не можам да го поднесам сето тоа што му се случува на градот и на граѓаните. Целиот живот сум го поминал во Скопје и навистина сакам да имаме успешна градска приказна. Се соочуваме со основни нерешени проблеми во Скопје, а сакаме да се мериме со европските метрополи. Тоа едно со друго никако не оди. Едноставно, не треба да измислуваме топла вода. Само треба да погледнеме како функционираат другите градови од регионот. Погледнете ја Љубљана, погледнете го Загреб. Станува збор за делумно слични градови на Скопје и по површина и по број на жители – изјави Перински.
Министерот Перински, кој е подготвен да се кандидира за градоначалник на претстојните локални избори, рече дека воопшто не го плаши ваквиот чекор. Напротив, тој смета дека има целосно јасна визија за тоа како треба да се решат проблемите во главниот град.
– Воопшто не ме фаќа страв да бидам кандидат за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори, туку напротив, максимално сум мотивиран и точно знам што треба да правам – потенцира тој.
Според Перински, сите проблеми на скопјани можат да се решат во мандат од четири години ако се пристапи со системски, а не парцијални решенија.
– Во оној момент кога ќе престанам да верувам дека можам да успеам, јас ќе се повлечам од политиката засекогаш. Мене навистина ми импонира да можам сега да придонесам за утре моето дете да се гордее со својот татко. Сакам да си ја одработам платата. И ова го кажувам најискрено. Ако се влезе со системски решенија, а не со парцијални решенија, тогаш сѐ е изводливо – истакна министерот.
Во својата изјава, Перински упати на потребата од инспирација и учење од успешните практики на градови како Љубљана и Загреб, кои се пример за добри урбани политики и развој.