25 Април, 2024
0.0391

Петар Колев: Време е да изградиме целосно нов систем!

Објавено во: Интервјуа 24 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Претседателот на Граѓанско демократската унија (ГДУ) Петар Колев е носител на листата во Изборната единица 3, додека партијата на Парламентарните избори 2020 учествува со листи и во изборните единици 1, 2, 4, 5. ГДУ не е само млада партија, туку е и партија која дава шанса на млади ентузијасти кои веруваат во промена на системот со цел младите да останат и да живеат во добросостојба, дома, во Македонија. Себе се дефинираат како прогресивно конзервативна партија со либертаријански насоки, што значи „Помалку моќ кај власта, повеќе права кај поединецот“.

Со Колев разговараме за нивните очекувања, идеи како да се промени системот од нефункционален во систем што ќе ги штити правата на граѓанинот и зошто сметаат дека гласачите треба да заокружат број 7 на листите.

1.  Како дојдовте на идеја да формирате нов политички субјект и што е она што ГДУ ја прави поразлична од останатите конзервативни партии во Македонија?

Петар Колев (ГДУ): Нашата цел не е власта сама по себе! Нашата цел е целосен РЕСЕТ на нефункционалниот систем во кој живееме денеска. Итно се потребни промени и реформи кои ќе ја намалат моќта на власта,  а ќе ги зголемат правата на поединецот. Живееме во систем во кој граѓаните веќе немаат доверба и како таков никому не е од полза. Го кочи развојот на демократска Македонија. Сакам да бидам јасен, поимот граѓанин на Република Македонија има пред се политичко значење затоа што само во рамките на тој поим сите ние како индивидуи имаме права и заштита во рамките на уставно правниот поредок, за разлика од „другите“ кои не се граѓани на земјава. И ова мора да биде сфатено како една од темелните вредности на нашата независност како нација и држава.

Но, овој систем погрешно ги вреднува криминалот и корупцијата, а чесноста ја казнува и обезвреднува. За тоа да се смени, време е да изградиме целосно нов систем!

Покрај нашите убедувања, ГДУ е различна од останатите партии и според организациската структура на партијата. Јас како претседател на партијата ги имам вообичаените обврски и права, но и јас и останатите членови на Управувачкиот Комитет како извршен орган, сме само членови по должност во Националниот Комитет на Граѓанско Демократската Унија кој е највисок орган на партијата. Тој ги формулира насоките за дејствување на партијата. Ние го имаме дефинирано и правото на фракционерство и пристапот до техничките, материјалните и останатите ресурси на партијата на потенцијалните фракции. Знам дека во минатото од време на време и други парии најавувале демократизација на внатрешниот живот на нивните партии, но, јас ја имав привилегија да станам претседател на партија што тоа го претвори во дело.

2.  Кои се најважните проекти и цели кои ќе ги афирмирате во парламентот?

Петар Колев (ГДУ): Во овој момент, според официјалните податоци, во земјава има 75 914 деловни субјекти и огромен дел од нив се во рамките на од еден до девет вработени. Особено поради кризата, голем дел од нов се соочени со ликвидност а ефектите од владината поддршка допрва ќе се оценуваат. Овие деловни субјекти според ГДУ се вистинските двигатели на економијата во земјава, и оправдано е мерките да бидат насочени кон нив. Затоа предлагаме намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните. Годинава е предвидено да се реализираат 17.201 милиони денари по тој основ. За да се намалат трошоците потребно е и да се рационализира администрацијата, односно, во моментов имаме 16 министерства, 23 министри и 43 т.н. органи во состав и јасно е дека зборуваме за расипништво. Истовремено, внатрешниот пазар се повеќе се дисперзира. На пример, Североисточниот Плански Регион има најмало учество во вкупниот БДП околу 5%. Истиот регион има и најмало учество во инвестиции во основни средства, а истовремено, даночните обврски, акцизите и останатите давачки се исти и за тој регион. За компарација, учеството на Полошкиот регион во БДП е нешто над 7% а во него живеат повеќе од 15% од целокупното население на Македонија. Повеќе од очигледно е дека Министерството за финансии, УЈП и останатите институции имаат сериозни пропусти во работењето.

Конкретните проекти за кои се залагаме покрај намалувањето на финансиските обврски се формирање на фискален совет, распределбата на приходите од персоналниот данок  да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет, и локалните власти. Потоа законски ограничувања со кои владата нема да може да ја избегнува реализацијата на капиталните инвестиции. Предвидливост, постојаност и транспарентност на јавните финансии и државната поддршка манифестирана преку агенции, управи и министерства. Трансформација на Министерството за труд и социјална политика од „богато министерство за беда“ во партнер за напредок. Тоа претпоставува насочување на инвестициите во засега инфериорните региони од земјава и потенцијалните олеснувања за инвеститорите се насочени за работни места како прво вработување.

3.  Што очекувате од претстојните парламентарни избори?

Петар Колев (ГДУ): Доколку нашата понуда наиде на позитивен одзив кај јавноста, ќе покрене динамична акција која ќе предизвика и раздвиженост на внатрешен политички, економски и социјален развој. Тоа ќе значи да се збогуваме со ова неодржливо статус кво и дека сме пораснале како општество и нација. Во спротивно, ве уверувам дека безидејноста на овој компромитиран модел ќе го кочи секој понатамошен обид за развој.

4.  Се залагате за коренити промени во изборната процес во Македонија, кои потоа треба да доведат и до значајно намалување на буџетските трошоци. Кои реформи во изборното законодавство ги предлагате?

Петар Колев (ГДУ): Нашата програма, како партиската, така и Изборната платформа, изборните реформи ги перципира како составен дел на сеопфатните политички реформи.

На прво место за нас е функционална претставничка демократија, која има за цел да воспостави функционален и кредибилен парламент. Тој треба да биде избран на општи парламентарни избори, при што целата земја претставува една изборна единица и листите на кандидати се отворени. Политичките конкуренти треба да се натпреваруваат за 90 места со прогресивен цензус. Да ги избегнеме двете „чудовишни коалиции“ кои ги имаме и на овие избори. Нашиот модел предвидува  коалициите да имаат повисок праг за влез во парламентот зависно од бројката на коалиционите партнери. Колку ги има повеќе, толку е повисок прагот. Со овој модел партии ќе немаат избор да посветат внимание на своите програми, на внатрешната демократизација, ќе ја поттикнат кадровската конкуренција и да се вложат со максимална професионалност при изборот на кандидати за избрани или именувани функции.

5.  Цените дека е потребна и целосна трансформација на правосудниот систем на Македонија. Кои промени треба да имаат приоритет?

Петар Колев (ГДУ): Границите помеѓу законодавна, извршна и судска власт во Македонија се избришани, затрупани со корупција, непотизам и наметната понизност кон еден чуден симбиот, паразит од партиско – политичко – бизнис интереси. Тоа генерира клиентилистички односи и ја доведува под знак прашање вербата во правосудните органи. Судиите се со сомнително реноме, а во пракса јавно се обелоденуваат сериозни пропусти и недоследности. Неопходни се уставни измени во поглед на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување специјализирано судство во сите области и олеснување на начините преку кои граѓаните непосредно се стремат да остварат одредени политички права. ГДУ ќе иницира промени во Кривичниот Закон за да се санкционира таквото поведение кое се однесува на работењето на судиите, обвинителите, правните застапници и останатите службеници на Судот. Сосема логично,  докажувањето вина да резултира не само со соодветна казна, туку и со трајна забрана за вршење дејност и губење на пензијата - се однесува на уплатените придонеси по основ на професионалното ангажирање. Граѓанско Демократската Унија има намера да иницира целосна трансформација на Министерството за Правда и од оваа „Самоуправна Интересна Заедница“, навистина, да се формира Министерство за Правда. Во негова надлежност треба да влезат не само медијаторите, нотарите и извршителите како сега, туку и обвинителите кои во постојната законска регулатива се контролираат сами себе.

Веруваме дека таквиот пакет законски измени може да се спроведе за осумнаесет месеци.

6.  Стана нормална појава државниот буџет секоја година да го пробива плафонот, што доведува и до нови, се поголеми задолжувања на идните генерации. Која е вашата формула за контрола врз буџетските расходи?

Петар Колев (ГДУ): Состојба денска практично може да се опише како “Богата Влада, сиромашни граѓани”. Континуираните краткорочни и популистички економски мерки резултираа со осиромашување на граѓаните и ги нарушија основните принципи на фер конкуренција. Граѓанско Демократската Унија ќе предложи мерки за поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка. Неопходно е формирање фискален совет, како и намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси. Предлагаме и намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се товар за граѓаните како и распределбата на приходите од персоналниот данок треба да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет и локалните власти. Владата мора законски да се ограничи да ги реализира капиталните инвестиции. Во јавните финансии мора да има предвидливост, постојаност и транспарентност. А клучно е да се отстранат нефункционални институции, односно, да се намали бројот на министерства на 15, бројот на членови во совети и како и да се намали бројот на вработени во администрацијата.


Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“