ПОД КОНТРОЛА НА МАТИЧЕН ЛЕКАР: Заболените со лесна клиничка слика може да се лекуваат и во домашни услови
Објавено во: Македонија 30 Јуни, 2020
Заразените со
корона вирусот кои имат лесна клиничка слика може да се лекуваат во домашни
услови, изјави министерот за здравство Венко филипче, при вчерашната
посета на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Според него и лесната форма на болеста
може да се лекува во домашни услови, тоа секако треба да биде под контрола на
матичен лекар.
-Но, многу е битно да знаат граѓаните дека и при најмало влошување на состојбата, по препорака на матичен лекар, пациентите треба да се јават во болница. Има болнички капацитети. Огромен дел од смртноста кај заболените пациенти е заради тоа што доцна се јавуваат на болничко лекување и дури 50% од смртните случаи се по првите неколку денови од приемот во болница. Заради тоа е неопходно по влошување на симптомите, пациентите веднаш преку матичен лекар да се јават за болничко лекување. Има многу такви случаи во коишто има влошување на состојбата во домашни услови, има влошување на состојбата и додека се пациентите во болница. Мора да знаат сите дека и најмало влошување треба да се земе крајно сериозно, треба да е сигнал за да се хоспитализира пациентот, изјави Филипче.