ПОЕВТИНО ПАРНО ЗА СКОПЈАНИ ЗА ЧЕТИРИ ОТСТО - РКЕ со одлука за заштита на потрошувачите
Објавено во: Економија 29 Јули, 2021
Поевтинува парното за скопските граѓани. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои се намалува во просек за 4 отсто крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на Град Скопје, наспроти барањата на компаниите за поскапување.
Речиси 56 илјади потрошувачи приклучени на Балкан Енерџи Груп или 93 отсто од вкупниот конзум ќе добиваат сметки пониски за 4,35 отсто. Нешто над 3.800 домаќинства кои се приклучени на ЕСМ Енергетика ќе добиваат незначително пониски сметки за 0,57 проценти. А, потрошувачите кои се 501 на број и се приклучени на Скопје Север од 1 август ќе добиваат сметки пониски за 1,25 отсто.
„Граѓаните приклучени на парно ќе добиваат пониски сметки. Денешните донесени одлуки се показател дека начинот на кој ја пресметуваме цената на топлинската енергија ги штитат потрошувачите. Со одлуките праќаме сигнал што повеќе граѓани да се приклучат на мрежата за парно греење кое е најекономично и еколошко. Во однос на работата на компаниите, сакам да укажам дека со оглед на фактот дека БЕГ го има доминантниот дел од конзумот односно 93 отсто, останатите снабдувачи Скопје Север и ЕСМ Енергетика да ги разгледаат можностите за системско надминување на предизвиците преку заедничка соработка, се со цел да може да го зголемат бројот на потрошувачи и да се оптимизира производството на топлинска енергија“, рече Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании кои се во градот Скопје, што за една година претставува раст на конзумот од скоро 2 илјади нови потрошувачи.