23 Април, 2024
0.0259

ПОЛНИ УСТИ СО РЕФОРМИ, А ОД ИСПОРАЧАНОТО НИ „Р“ ОД НИВ, ЗОШТО?!

Објавено во: Колумни 28 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Скоро и да нема какво и да е јавно обраќање на претставници од институциите, од политичкиот, општествениот и економскиот живот, а да не ја апострофираат потребата од реформи, реформи во сите сегменти на животот. Реформите се главни адути во рацете на позицијата, подеднакво како и на опозицијата. Меѓутоа, во секојдневното живеење, колкави се аргументите за реформи, многу поголеми се стравувањата од нив и токму тие стравови од сериозни промени во севкупниот институционален, политички, општествен и економски живот се клучната причина сите до сега започнати реформи да завршат како неуспешна ефтина и многу грда шминка, која наместо очекуваните, ги дава токму спротивните ефекти.

Реформите по дефиниција подразбираат промени на подобро во рамките на постојниот, етаблиран систем.И се би било во ред, барем за "реформите" кај нас, ако во дефиницијата на поимот реформа, го немаше зборот СИСТЕМ.

Системот е значаен, можеби најзначаен дел од поимот за реформи, бидејќи под поимот систем се подразбира функционална целина сочинета од различни сегменти кои меѓусебно се поврзани, ефективни и ефикасни во остварувањето на целите заради кои е креирана функционалната целина. Од тука, апсурдно е без координирани, стратешки јасно дефинирани системски цели да се прават реформи по германски терк во една, по француски во друга, по белгиски во трета, по италијански терк во четврта сфера.
Треба да се користат најдобрите европски и светски практики, без разлика од каде доаѓаат, но тие функционално, нужно мора да се обединат во рамките на системот и гаранциите креирани со уставот и законите на Република Македонија.

Процесот на реформи не е едноставен, дури би рекол и не е толку посакуван колку што тврдат токму тие што од уста не ги вадат.Реформите во наши услови би значеле развластување, одземање на моќта на добро утврдените, етаблирани моќници кои имаат дискрециони, арбитрерни права во донесувањето на значајни одлуки; би значеле стеснување на просторот за корупција преку јакнење на транспарентноста и отчетноста; би значеле поттикнување на креативноста, иницијативноста, професионализмот и афирмација на стручноста и компетентноста како услов за градење кариера; би значеле афирмација на слободите и правата на граѓаните; би значеле ставање на работите на своето место и секако најзначајното, би значело прифаќање на фактот дека владеењето на правото подеднакво за сите и почитувањето на правниот систем во земјата, се клучните претпоставки за заокружување на какви било реформи и во која било сфера на вкупниот живот.

Од досегашната пракса, најголемите отпори во реформите доаѓале и доаѓаат токму од тие што ја имаат моќта на одлучување, бидејќи тие имаат и што да загубат во тие процеси. Да, точно е дека таквите се малку, но во нив е акумулирана моќта на одлучување, декларативно се колнат во реформите, а практично чинат се тие да не се случат.

Некои анкети и анализи за реформи што се спроведени во одредени институции на земји од европската унија, укажуваат дека скоро е идентичен процентот на експлицитно изјаснетите за и против реформите, така што тој процент на едната и на другата страна изнесува околу 10 % од вкупниот опфат на лицата кои ги тангираат реформите. По 15 - 20% се приклонуваат кон едните и кон другите, а останатите 40 - 50% се неутрални, ним им е се едно, сметаат дека ниту нешто ќе загубат, ниту нешто посебно ќе добијат со реформите. Затоа вистинската битка за реформи ќе ја добијат оние 25 - 30% од вработените кои ќе успеат да ги анимираат и придобијат оние неутралните.

Тука е неопходна помошта од граѓанскиот сектор, од медиумите и јавноста, особено онаа стручната.Тоа е ѓаволски тешка работа, особено ако отпорот доаѓа од врвот, што беше случај кај нас и заради што пропаднаа бројни реформи во различни институции, за кои се потрошија многу средства од европските фондови од УСАИД, од УНДП како и наменски средства од билатерална помош.

Нужно и неопходно е менување на менталната матрица особено на оние што ги носат најзначајните стратешки одлуки во земјата; неопходноста од ослободување на просторот за слобода на духот, на иницијативноста, креативноста, стручноста, компетентноста и професионализмот; неопходноста од ослободување од стравот дека тие нешто ќе загубат, а некој друг ќе добие; неопходноста од ослободување од реваншистичките побуди, како и на неопходноста од целосна посветеност на заедничкиот интерес. Само тогаш ќе бидат исполнети претпоставките за вистински реформи кои во рамките на системот ќе претставуваат ефикасна и ефективна целина ставена во функција на заедничкиот интерес.

Тоа е процесот кој треба да претходи на реформите, бидејќи влетување во реформи без ментална подготовка е однапред изгубена битка во која без цел ќе се потроши енергија, време, пари и најзначајното од се, ќе се изгуби надежта дека нештата може да се променат на подобро.

Шансата ја имаме, дали и колку ќе ја искористиме зависи само и единствено од нас.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок