25 Април, 2024
0.0249

Правдата во Македонија во рацете на ДУИ

Објавено во: Колумни 04 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Дали ДУИ како значаен дел од владината коалиција може да одигра клучна улога за враќање на правдата во Македонија или барем за подобрување на перцепцијата на јавноста дека пред законот треба сите да бидат еднакви каде партиските притисоци и влијанијата од центрите на моќ ќе бидат елиминирани или барем сведени на минимално ниво?

Ова е доста важно прашање кое во било која парламентарна демократија би заземало многу значајно место во јавната дебата наместо да се занимаваме кој поет ќе ги организира Струшките вечери на поезијата, кој активист од Шарената револуција се приклучил на владиниот тим или кој припадник на невладиниот сектор станал дел од новите тимови за „транспарентност“ во министерствата.

Затоа треба да се потсетиме дека Македонија долго време е во правна криза која предизвика дури и формирање на Специјално јавно обвинителство. Јавниот обвинител Марко Зврлевски иако на првиот ден на гласање на новата влада требаше да одговори на барањето на премиерот Заев да си даде оставка предизвика хаос во Собранието со маратонска дебата за негово разрешување. 

Првите потези за осигурување на промените во правосудството се многу бавни и мора да се изврши притисок и врз институции како Советот на јавни обвинители и Судскиот совет каде беше детектирано дека постои големо влијание на политичките партии. 

Сега доаѓаме и до придонесот на ДУИ во реформите и враќањето на владеењето на правото и правната држава. Гледано на хартија или барем според досега прикажаната политичка волја во Министерството за правда кое е предводено повторно од кадар на ДУИ има голема раздвиженост. 

Под водство на министерот Салији Македонија стана членка на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ, остварени се значајни средби со меѓународни организации и започната е работата за реформа на правосудниот сектор. Како зајакнување на овие заложби доаѓа и завчерашната изјава на Али Ахмети кој вети бескормпромисна и храбра битка со корупцијата и организираниот криминал. 

Меѓутоа за ДУИ и воопшто новата влада многу поважно е како ќе се справат со незадоволството на Албанците од повеќе судски случаи на кои има даваат етнички контекст како Сопот, Монструм и Диво Насеље. Самата објава на „бомбите“ и изјавите дека има снимки кои даваат поинаква слика за овие настани придонесе кај албанската заедница да се јави надеж дека токму СЈО и новата влада може да ја донесат правдата и да ги ослободат лицата кои сега се во затвор или се обвинети. 

Судските случаи се водат под тешко полициско обезбедување и постојано има закани за можен напад и излевање на незадоволството. Иако станува збор за само три случаи интересот кај јавноста е огромен бидејќи засегнати се и Македонците кои исто така сакаат одговорност за убиствата на момчињата од Радишани или пак за смртта на осумте полициски припадници во кумановско Диво Насеље. 

Враќањето на довербата во правниот систем нема да биде лесна задача, но без уверување дека обвинителите и судиите работат за интересите на граѓаните новата влада ќе нема никаков значаен успех ниту темел за градење на државата.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок