Предводникот на работната група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека продолжува соработката со власта
Објавено во: Македонија 20 Март, 2019
Тони Менкиноски, кој ја предводи работна група на ВМРО-ДПМНЕ за реформскиот закон за јавното обвинителство што го бара Брисел, вели дека партијата која ја застапува не му опонира на решението во преговорите со СДСМ туку дека напротив како опозиција се отворени за соработка и дека има простор за договор.
„Добивме законски текст во четвртокот и дадовме наши забелешки за Законот за јавно обвинителство во целина. Имаме забелешки од 120 страни. Законот е несреќно препишан хрватски плагијат. СЈО како дел од тоа обвинителство и дел од Законот е само еден мал дел кој треба да го разрешиме. Има простор за договор, во четврток ќе ги доставиме нашите принципи како амандмани. Сме отворени за соработка и активно партиципирање. Подготвени сме да дадеме придонес - изјави адвокатот во емисијата „Отворено“ на Алфа ТВ.
Премногу нагласени биле персоналните решенија, а според Менкински предлогот на СДСМ не ги регулира добро односите на обвинителството со полицијата, со медиумите, со европските стандарди, со министерствата итн.
- Треба да има неприкосновена борба со криминалот, а не само привидна борба, а истовремено обвинителите треба да сносат поголема одговорност и отчетност. Мора специјалниот јавен обвинител да одговара пред некого, не е тоа супрематија на монарх. Од наша страна има голема волја, но принципите на ВМРО-ДПМНЕ при тоа да се инкорпорираат во законот. Има тенденција од другата страна да не обвини дека не сакаме да соработуваме пред Брисел, но тоа не е така. Не постои обвинителство во светот во кое само си одредува буџет или специјален обвинител по својот мандат во СЈО да продолжи директно со работа во републичкото обвинителство. Овој предлог-закон ги крши венецијанските принципи, а допрва треба да биде оценет од Венецијанската комисија. Покрај тоа, што правиме со случаите на СЈО после 30 јуни 2017-та кои се вон рокот, а чии пресуди ќе паднат во Стразбург и ќе треба да плаќаме за нив - додаде Менкиноски.