20 Април, 2024
0.0610

Прееманципирана кучка

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Убав и фин, тој е кучкин син, а ти си како него иста...стихови од една песна, која пред неколку години беше хит на повеќето електронски медиуми и која секогаш предизвикуваше восхит и орно се пееше од младите за време на нивните вечерни излегувања. Слушајќи ја, повеќето ги голтале стиховите, потпевнувале, не посветувајќи внимание на зборовите. Ако се анализира внимателно текстот ќе се види дека изобилува со сексизам и дискриминација, бидејќи метафората за кучкин син и кучка подразбира бескрупулозност, безобразност, емотивна празнина и непромисленост. Стиховите гореспоменати ми станаа актуелни деновиве повторно, посебно кога една од моите омилени радиостаници, почна да емитува кампања, која апсолутно е надвор од современите општествени текови...

Слушајќи ги трите радија кои интензивно ја пуштаа „You’re such a crazy woman“ или во превод: Ти си толку луда жена, а истата беше пуштана во контекст на кампања за прееманципирани жени, се добива впечаток дека жените, посебно оние современите и оние кои градат свои кариери бескрупулозни жени, кои сакајќи да дојдат до целта, или да го остварат својот замислен сон, газат се пред себе. Самите пораки кои ги праќаа медиумите, а се однесуваа на женската еманципација, беа благо речено вулгарни, дискриминирачки и цинични, преставувајќи ја современата еманципирана жена како неемоционална личност, за која семејството, пријателите и ближните не се доволно значајни, алтруизмот не е нејзина вредност, и исклучиво за што се грижи се индивидуалните интереси, потреби и желби. Преку пораките од кампањата се добива впечаток дека еманципираната жена е егоистична кучка, која во духот на макијавелизмот, гази се пред себе и исклучиво таа се става во центарот на внимание. Me, myself and I, можеби прегрубо кажано, но перцепцијата од повеќето е таква за еманципораната жена каква што тие ја прикажуваа-Се сакам само себе и никој освен себе.

Самата кампања почнуваше со зборовите: Оваа кампања е наменета за сите прееманципирани жени кои трчајќи по пикирани кариери ја загубија својата женственост и газат се пред себе. Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи. И другите делови од рекламната кампања не беа помалку, благо кажано безобразни, потенцирајќи „Имаш се, само немаш секс“,„Лош пример за еден добар љубовник – кога еден ден од нејзиниот кревет ќе завршиш пред олтар. Опасноста нејзиното его да те исфрли на улица е многу веројатна. Секоја сличност со Бред Пит е случајна. Размисли на која ќе и бидеш љубовник, итн. Што да се каже, а да се остане присебен на една ваква иронизирачка кампања за еманципирани жени.

Социолошки прецизно и концизно, најпрво нема префикс ПРЕ, има еманципирана и нееманципирана жена. Смешно и трагично е во 21 век да правиш кампања контра женската еманципација. Во ера на глобализација и совремие, но и во држава каде уште има висок процент на семејно насилство врз жената, каде постои дискриминирачки однос на пазарот на трудот кон жената, каде се потребни нови позитивни квоти за жената во политиката, каде во одредени подрачја се уште жената се смета за подредена на мажот, да се прави кампања со која дополнително се исмева женската еманципација е жално и срамно. И колку да се сакало да се прикаже се низ призмата на црн хумор, и колку првичната идеја да била со друга поента, целата кампања беше сосема поинаку третирана, сфатена, и ништо од почетното не оправдува, бидејќи крајот подразбирање шега и вулгаризација на еманципираната жена. Кампањата изобилуваше со навреди, сексизам, мизигинија и секој нормален ја сфати како подбив и негација на се што досега е направено за женската кауза. Па почитувани во иднина кога сакате да си играте со значајни социолошки и општествени феномени и проблеми, консултирајте се, проучете, бидејќи вашата неукост и суета ви се удрија од глава.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок