Прекината програмата на грчката ЕРТ, вработените повикаа на масовен штрајк
Објавено во: Балкан 12 Јуни, 2013
Од синоќа прекина емитувањето на програма на државната грчка компанија за радио и телевизија ЕРТ.
Владата на Грција вчера соопшти дека ќе биде прекинато времено емитувањето програми на националната телевизија и радио заради економски мерки. Владин портпарол изјави дека компанијата трошела премногу средства, страдала од корупција и лош менаџмент.Вработените во грчката државна радио и телевизија ЕРТ денеска пак повикаа на протести пред зградата на медиумот во Атина.
– Ги покануваме сите на митинг пред зградата на радиото и телевизијата, бидејќи борбата против отпуштањето од работа и невработеноста треба да биде заедничка, се вели во пораката на вработените во ЕРТ на Фејсбук.
Штрајк е закажан денеска и во приватни радио-телевизискаи канали и во националната агенција АНА-МПА.
Унијата на новинари од Атина соопшти дека „по непријателското и варварско вмешување на трипартиската Влада да ја затвори ЕРТ, новинарските сојузи одлучиле да почнат со непрекинати акции со штрајк во сите приватни радио-телевизиски канали“.
Демонстрантите тврдат дека одлуката за затворање на државната радио и телевизија била донесена лично од премиерот Андонис Самарас. Од утре штрајк почнуваат и вработените во сите весници во Грција.