19 Април, 2024
0.1494

ПРЕКУ ПОДДРШКА НА ИНОВАТИВНОСТА И КОНКУРЕНТНОСТА ДО РАСТ НА МАКЕДОНСКИОТ ИЗВОЗ

Објавено во: Мои пари 08 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Од вкупно регистрираните деловни субјекти во државата, помалку од 6% извезуваат на странски пазари, или бројот на производи со компаративни предности кои се извезуваат во 2016 година е за 32% помал од 2006 година.  Топ 100-те компании извозници креираат 65,5% од вкупниот извоз на стоки и услуги од земјата. Минатата 2017 година реализиран е извоз од над 5 милијарди евра. 80 % од извозот на македонски производи завршува на пазарите во Европската унија, приближно 50 % се за германскиот пазар како наш најголем трговски партнер, една од ретките земји со кои дури и остваруваме суфицит во размената. Изминативе скоро три децении се случува деиндустријализација на стопанството (релативното учество на индустријата во БДП се намалува, од 32% во 1992 година на 15% во 2016 година).

Република Македонија во изминатите две децении евидентира релативно бавно темпо на развој со просечна стапка на раст од 2,7%. Споредена со земјите од регионот нашата земја се вбројува во групата на земји со прилично лоши економски резултати. За споредба, просечната стапка на економски раст за истиот период во Албанија, Романија, Словачка и Естонија е 4%, во Бугарија 3,7%, во Полска 3,6%, во Србија и Црна Гора по 3%.

Клучните недостатоци со кои се соочуваат македонските компании во услови на ниско ниво на човечки капитал, недоволно развиен финансиски пазар, бавните институционални реформи, недоволно развиената инфраструктура, во насока на  поддршка и поттикнување на извозната активност се:

-  недоволно развиенa иновативност во претпријатијата;

-  доминантна ориентираност на компаниите кон производство за домашен пазар, што значи дека речиси целокупното производство се троши во земјата, а средства за инвестиции се чекаат од странски инвеститори. 

Овие констатации што беа потврдени и во Научно-истражувачката студија  „Македонскиот извоз“, изработена од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, предводен од проф. д-р Владимир Глигоров, на барање на Стопанската комора на Македонија, понудија неколку основни препораки. За да има развој потребено е најмалку 20 до 25 % од БДП да се инвестира во нови производи, иновативност, конкурентност, што може да се реализира преку:

Ø  поттикнување на иновативноста;

Ø  поголема интернационализација;

Ø  активна политика на вработување;

Ø  научно и технолошко поврзување;

Ø  активно учество во Берлинскиот процес и

Ø  јавно и приватно партнерство.

Она што е факт е дека извозната структура во изминатите години драстично се промени, како резултат на присуство на странските инвеститори. Од друга страна, процесот на усогласување на домашните добавувачи согласно потребите и стандардите на странските компании се`уште e на исклучително ниско ниво на соработка и користење на домашните производи и услуги за потребите на странските инвеститори во земјата, иако Стопанската комора на Македонија преку Советот на странски инвеститори при Комората веќе подолг период наназад се обидува да го раздвижи овој процес.

Производството, т.е. производниот сектор кој е клучот за развој на една економија, во минатото не опадна поради технолошките или производни промени, туку поради загубата на тогашните пазари, кое не било подготвено да ги замени изгубените пазари со учество на регионалните или намеѓународни пазари. Ако тргнеме од тезата дека структурните промени во економијата, процесот на реиндустријализација и извозна диверзификација се фундаментални процеси за генерирање на високи и одржливи стапки на економски раст, останува дилемата како тие фундаментални развојни процеси може да се иницираат и интензивираат во насока на динамизирање на економскиот раст на земјата. Брзината и успешноста во спроведувањето на овие процеси во голема мера се детерминирани од претходната индустриска и извозна структура на земјата, што всушност ги определува нејзините развојни потенцијали, како и од активната улога на државата гледано низ призмата на ефикасноста и ефективноста на економските и индустриските политики.

Стопанската комора на Македонија во изминатиот период изработи две студии кои се однесуваат на економска импакт-анализа и идентификување на развојните можности за преструктурирање и извозна диверзификација на металната и машинската индустрија во Република Македонија. Во следниот период Комората има намера да работи на идентификување на развојните можности за преструктурирање на целата економија преку мапирање на стратешки индустриски сектори, потсектори и производи за кои земјата има реални економски претпоставки да гради компаративни предности во иднина. Ова ќе биде еден значителен придонес за креаторите на економските политики за дефинирање на клучните приоритетни индустриски гранки кон кои треба да бидат насочени идните економски и индустриски политики во Република Македонија, со цел зголемување на извозната конкурентност на земјата.

  Во таа насока, македонската економија мора да изврши некои структурни реформи (како реформа за поддршка на нови компании и пристап до странските компании, поддршка за технологии, истражување и развој на производи и капацитети кои би го зголемиле квалитетот на производството, поддршка за зголемена регионална соработка, поголема доверба на јавно-приватното партнерство) кои би можеле да се покажат како позитивни и би биле главен извор за раст на производството и извозот, а со тоа и зголемување на уделот на извоз како процент во БДП, на ниво како што е кај помалите економии од ЕУ.

Ако на ова се додаде и фактот дека гледајќи во иднината инвестициите се планираат на регионално ниво, македонските компании ќе мора да се интегрираат во големите регионални компании, а секако ќе има простор и за малите и средни компании како добавувачи на зголемениот регионален пазар, пред се` пазарот на ЕУ.

Со цел обезбедување поддршка на инвестициите во насока на креирање поголем обем на извоз во вредност и во поголем број на разновидни производи, годинава е донесен и Законот за финансиска поддршка на инвестициите со јасно утврдени критериуми и Програмата на Фондот за иновации и технолошки развој, кои Стопанската комора на Македонија во 2010 годинаги предложи како една од клучните мерки за креирање на поповолен бизнис амбиент во изданието на Комората „Време е за промена на досегашниот модел на економски развој“.

Зошто за македонската економија е значајна системската поддршка на инвестициите во насока на поголема извозна ориентираност?

1.  Компаниите кои ќе бидат поддржани можат да доведат до извозна диверзификација (зголемување на бројот на индустриски производи што Македонија ги извезува, а имаат компаративни предности);

2.  со пренасочување на производството и извозот, ќе се обезбеди од  производи со помал степен на доработка и помала додадена вредност, да се произведуваат производи со поголема софистицираност и продуктивност;

3.  очекувањата се дека растот на извозот на стоки и услуги просечно годишно би се движел од 10 до 15%;

4.  географска диверзификација на извозот преку освојување на нови пазари;

5.  приватниот сектор преку успешните, односно профитабилни, големи домашни и странски компании, може да биде двигател на економскиот раст за краток период, бидејќи тие создаваат поголема додадена вредност. Овие успешни компании можат да дадат значаен придонес за зголемување на извозот и да апсорбираат значајна работна сила со што ќе се придонесе и за намалување на невработеноста.

Истражувањето што го спроведе тимот на Виенскиот институт  на барање на Комората покажа дека би можеле да се надеваме да го достигнеме европскиот стандард за 30 години, ако имаме стапка на раст од најмалку 4% годишно, и тоа под претпоставка растот на ЕУ да биде 2 %, што значи дека идната генерација на граѓани би можеле да живеат со европски стандард.

Не постои магично стапче што може набрзина да ги смени овие состојби, и сите добро знаеме дека ова е тежок потфат, но клучот за подигнувањето на нивото на животниот стандард лежи во креирањето на нова економска развојна политика на државата. На оваа тема веќе се одржа научна конференција во Охрид, со еднакво учество на клучните чинители за економската политика на државата (Владата, научната, стручната јавност и бизнис-заедницата). Ова е втор пат по прашањето за монетарната политика да се постигне широк консензус дека модерната индустријализација и унапредувањето на извозната конкурентност на земјата мора да станат приоритети и да бидат клучните прашања на кои ќе се заснова економската политика на оваа и на секоја идна влада. Само на тој начин може да се надеваме да го достигнеме животниот стандард од земјите на ЕУ - а се надевам нема да мора да чекаме 30 години за тоа да се случи.

Можеби ќе ве интересира

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ