26 Април, 2024
0.0432

Престројувања во власта, перестројка во опозицијата!

Објавено во: Македонија 19 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Кадровски престројувања во највисоките партиски тела на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се случуваат по промената на власта и во пресрет на локалните избори.  

Лидерот на најголемата опозициска партија, Никола Груевски веќе најави дека ќе има промени во Извршниот комитет со нови и свежи кадри, иако самиот тој нема намера да ја напушти претседателската позиција. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев веќе направи рокади во партиските тела, кои се резултат и на тоа што дел од луѓето сега се во извршната власт, па на нивно место во партиските органи доаѓаат други или пак се прават смени на позициите.

Па така, на функцијата генерален секретар на СДСМ, доаѓа Александар Кирацовски, кој засега останува и пратеник во Собранието. Кирацовски, досега беше потпретседател на партијата, а во времето на техничката влада беше дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација. Токму во тој период, Кирацовски успеа уште повеќе да ја засили својата позиција, а како дополнителен заменик министер успеа да обелодени повеќе афери и со документација да го разобличи начинот на кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги финансирала медумите блиски до неа. Кирацовски е од Битола, а на последните  парламентарните избори, токму во Битола по 14 години СДСМ имаше повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, што пак може да се смета за показател на следните локални избори, но и на изборот на личност за кандидат за градоначалник на оваа општина.  

На позицијата генерален секретар на СДСМ досега беше Оливер Спасовски. Сега ја напушта оваа позција со оглед дека сега е министер за внатрешни работи, но ќе биде потпретседател на партијата. Потпретседател на СДСМ останува министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и Фросина Ременски, која истовремено ќе биде и пратеник во Собранието.

Нов потпретседател на СДСМ е Петре Шилегов, како и Благој Бочварски. Шилегов останува пратеник во Собраниeто, исто како и Бочварски, иако не е исклучено дека може да се најде и во трка на локални избори.  

Висока партиска позииција доби и Мухамед Зеќири. Со Зеќири,  СДСМ потврдува дека и натаму останува фокусирана на гласовите од албанскиот електорат со оглед на партиската позиција што ја добива Зеќири.

Двоецот Заев – Шеќеринска, остануваат и натаму на врвот на партијата, која под нивно раководство успеа да дојде на власт. Односно Шеќеринска останува заменик претседател на Заев, кој на конгресот пред неколку недели повторно ја доби довербата од сопартијците.  

Наскоро се очекува и ВМРО-ДПМНЕ да направи кадровски промени во највисоките партиски тела. Иако, најголемите критики во јавноста се упатени токму до лидерот на партијата Никола Груевски, сепак Груевски најави дека нема намера да замине од преседателската функција, но дека ќе направи промени во Извршниот комитет.

Според информаците на Фактор, во ИК на ВМРО-ДПМНЕ веројатно нема да бидат дел од луѓето за кои сега се водат постапки во СЈО. А, постапки има за Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Антонио Милошевски, Мартин Протуѓер, Емил Димитриев и Илија Димовски, при тоа сите се членови на ИК. Сепак, извесно е дека Груевски нема да одлучи сите да ги повлече од Извршниот комитет, туку само дел од нив, односно оние кои се најекспонирани во јавноста со обвиненијата од СЈО.  

Во ИК на ВМРО-ДПМНЕ е и Никола Поповски, поранешниот министер за надворешни работи, чие име и кај домашната јавност, но и кај меѓународната заедница се споменува како еден од најсериозните за наследник на претседателската функција на ВМРО-ДПМНЕ. А и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во своето обраќање од Собранието, кога се бираше новата Влада, токму на Поповски, му реплицираше со став дека во дискусијата бил конструктивен и дека очекува да биде таков и како иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Засега никој во партијата не открива дали Поповски, покрај ваквите се погласни шпекулации ќе остане во ИК на ВМРО-ДПМНЕ, и како Груевски гледа на таквите јавно отворени сценарија.  

Во Извршниот комитет на партијата е и Никола Тодоров, поранешниот министер за здравство, кој пак пред само неколку недели се повлече од пратеничката позиција. Тодоров, кој цели 11 години беше дел од извршната власт, беше главен и во преговорите со СДСМ за техничката влада и договорот во Пржино, изминатиот месец целосно е повлечен од јавноста, но неизвесно е дали целосно ќе се повлече и од партиските ангажмани во следниот период.

Виси и позицијата на Зоран Ставрески во ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој пак во јавноста го нема повеќе од една година, односно уште пред да поднесе оставка од фукцијата министер за финансии, Ставрески под приттисок на политичките „бомби“ што ги објави СДСМ, а во кој тој беше еден од клучните, практично претстана да се појавува а потоа поднесе и оставка. Сепак, засега него го нема во ниту едно обвинение на СЈО, иако во „бомбите“ имаше голем дел од негови разговори, па затоа за неговото име сега се врзуваат повеќе сценарија. Сепак, Ставрески се појави на прославата на 27-миот роденден на партијата пред два дена.

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владмир Пешевски, кого го немаше ниту во „бомбите“ на СДСМ, ниту засега има некакво обвинение за него, но неговото котирање во партијата изминатите години беше различно, од момент, кога се сметаше за главен играч, па се до моменти кога беше дистанциран. А дека внатре во владата имало ривалство, за кое долго во јавноста се „шушкаше“, покажа и еден телефонски разговор за кој се тврди дека е помеѓу Ставрески и Јанкуловска, во кој токму Ставрески за Пешевски се обраќа со навредувачки зборови посочувајќи го како човек кој на некој начин сака да удоволи на шефот. Од друга страна пак во следен разговор, за кој се тврди дека е помеѓу Груевски и Јанакиески, токму Груевски во обид да го пофали Пешевски, вели дека тој е „дил ориентед“.  Во партиските кругови на ВМРО-ДПМНЕ засега никој не се обидува да прогнозира, каква ќе биде натамошната улога и довербата на Груевски во Пешевски.

Многу е веројатно дека Христијан Мицковски, кој беше советник за енергетика на Груевски, и директор на ЕЛЕМ, и кој во изминатиот период е се повеќе експоиран во јавноста, ќе остане во Извршниот комитет на партијата, поради довербата што ја има кај Груевски, но и поради тоа што нема политички багаж, за кој би му бил терет.    

Н.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот