19 Април, 2024
0.0337

ПРЕЗЕНТИРАНИ МЕРКИТЕ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА И РАСТОТ НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ

Објавено во: Економија 10 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Во присуство на голем број стопанственици, на 10.9.2019 година, во Стопанската комора на Македонија беа презентирани мерките предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

-Целта на мерките кои ги презема Владата на РСМ е подигнување на продуктивноста на домашното стопанство. Предуслов за поголема продуктивност на компаниите се тие да располагаат со современа технологија и знаење (know-how), мотивирани вработени и квалитетен менаџмент. Во таа насока Владата обезбеди сет на мерки предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите чија основна цел е поттикнување на економскиот раст и зголемување на конкурентноста пред сė на производно ориентираните компании, како и мерки предвидени со Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, чија цел е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ со која ќе се подигне економскиот стандард на вработените и ќе се намали одливот на кадар од државата, - истакна д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Д-р Анѓушев истакна дека по иницијатива на бизнис-заедницата со измените на Законот се предвидува можност за обезбедување финансиска поддршка и за компаниите од ИТ-секторот, компаниите регистрирани за вршење трговска дејност и други дејности кои вршат и производни процеси (само во однос на инвестициите за производните процеси), како и компаниите од областа на земјоделството, кои се занимаваат и со преработувачка индустрија (само во однос на инвестициите поврзани со преработувачката индустрија). Тој ги охрабри компаниите да аплицираат, посочувајќи дека постапката за аплицирање е едноставна, а со мерките се овозможува поврат на средства за веќе реализираните инвестиции во 2018 година.

Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени можности за финансиска поддршка на компаниите за нови вработувања, инвестирање во технолошки развој, пораст на капитални инвестиции и приходи, проекти од значаен економски интерес, откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии, зголемување на конкурентноста на пазарот, како и финансиска поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажбата. Деловни субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловните субјекти кои започнале продуктивна почетна инвестиција, оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години и кај кои просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години не бил намален за повеќе од 5%. Давател на државната помош е Владата на РСМ.

-Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој од денес е достапен на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) има за цел да ги поттикне работодавачите да исплаќаат повисоки плати на вработените, на начин што државата ќе обезбеди поддршка на компаниите кои ќе ги зголемат платите на своите вработени во износ од најмалку 600 до најмногу 6.000 денари над досегашните примања, при што во однос на зголемениот надоместок компаниите би имале обврска да платат само персонален данок на доход, додека државата ја презема обврската да ги надомести трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси, - информираше д-р Анѓушев.

-За добивање субвенции не се предвидени дополнителни административни оптоварувања за компаниите, туку работодавачот во месечната пресметка за интегрирана наплата што ја поднесува до Управата за јавни приходи, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ќе треба само да гo означи осигуреникот за коj бара субвенционирање на социјалните придонеси. Мерката е предвидено да трае од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година, односно 3 години и истата се однесува на компании од сите сектори, независно од големината и дејноста која што ја вршат, - заклучи Анѓушев.

Во рамките на презентацијата во отворена дискусија претставниците на компаниите поставуваа прашања во насока на допрецизирање на одредени дилеми кои ги имаат по основ на двете мерки кои им стојат како можност за поддршка во насока на зголемување на продуктивноста на работењето. 

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своето обраќање пред присутните истакна дека ова е дел од сетот на активности кои Комората ќе ги преземе до крајот на годината насочени кон поттикнување на растот и конкурентноста на компаниите. Во рамките на овие активности, на 13.9.2019 година ќе се одржи и Балканскиот претприемачки самит, кој има за цел на едно место да ги обедини бизнисмените од регионот и да отвори нови можности за соработка, а следуваат и низа активности поврзани Буџетот за 2020 година и економските политики, Самитот 2025 и дуалното образование во РСМ.

Можеби ќе ве интересира

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

КАКО ИЗРАЕЛ СТАНА СТАРТАП НАЦИЈА? Еве што се крие зад израелското стартап „чудо“

КАКО ИЗРАЕЛ СТАНА СТАРТАП НАЦИЈА? Еве што се крие зад израелското стартап „чудо“