Прилепската компанија Комфи Ангел главен снабдувач на светските познати синџири
Објавено во: Економија 25 Февруари, 2020
Компанијата постои 16 години - Комфи Ангел е македонско-британска компанија основана во Прилеп. Специјализирана за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за јоги, вреќи за спиење, постелнина во различни дезени и од различни материјали.
Комфи Ангел има месечен капацитет на производство од околу 500.000 перници, 150.000 јоргани, 150.000 заштитници за јоги, 150.000 прекривки и торби.
Работи на површина од 35.000 квадратни метри со околу 760 вработени. Mенаџирана од Ирена Јакимовска, оваа фирма работи со филозофијата дека сега креираат компанија која ќе постои и после нив. Нивниот британски партнер е компанијата „Comfy Quilts LTD“, основана во 1973 година, еден од најголемите светски производители на јоргани, перници, како и монохроматски и печатени постелнини.
Како извозно ориентирана компанија присутна во над 30 земји, „Комфи Ангел‟ ДОО се обидува да оствари одржлив раст на продажбата од година во година. Директно или индиректно снабдува светски познати синџири: „Carrefour“, „Action“, „Kaufland“, „Rewe“, „Aldi“, „Lidl“, „Netto“, „Metro“. Нивната цел е да им обезбедат на клиентите прифатливи цени и навремени испораки преку целата година. Работат по стандардите ISO 9001: 2000 со највисоко ниво на акредитација од Oeko-Tex, BSCI и успешно ги поминуваат редовните ревизии од меѓународни компании за ревизија како SGS, Intertek, SMETA и други.
Јакимовска вели дека исклучително важна за развојот на компанијата е соработката со Стопанската комора на Македонија.
„Припаѓањето на таа институција ни овозможи заедно со останатите членки да ги надминеме тековните предизвици кои се појавуваат во текот на градењето на системот на компанијата и заедно и како дел од Комората партиципиравме во градењето на корпоративната култура во нашата земја, но она што е уште поголем бенефит од членувањето во Комората е можноста да се запознаат исклучително добри луѓе со високи морални етички вредности (еснафи) во своето општење и постоење кои не би можеле да ги запознаеме и да се дружиме во друга прилика и на друго место. Комората преку својата едукативна програма дефинитивно во нашата компанија има направено промени во стекнувањето на нови знаења и практики и секако информацијата којашто е најбитна во нашето постоење е онаа којашто секогаш можеме да ја добиеме вистинска во вистинско време од страна на вработените на Комората кои што во оваа прилика морам да ги пофалам дека се исклучително корпоративни, вели Јакимовска.
За развојот на компанијата пишува и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.