Процесот на обединување на Србите започна, вели Вулин
Објавено во: Балкан 01 Мај, 2021
Процесот на обединување на Србите започна и нема да може да се запре, вели
српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин.
Тој рече дека „никому не му пречеше фактот дека Германците се обединија и со тоа ја завршија ревизијата на резултатите од Втората светска војна, но им пречи што Србите сакаат да живеат во една држава“.
„Верувам дека создавањето на српскиот свет го решава националното прашање на Србите, дека го запира ширењето на „Голема Албанија“, им гарантира на Србите дека геноцид врз нив никогаш нема да се повтори, и пред сè обезбедува долготраен мир на Балканот“, изјави Вулин за „Вечерње новости“.
Вели дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и тој се „соборци, но не е невообичаено да не мислат исто“.
Во изминатиов период, во регионот беа актуелни два нон пејпери, од кои едниот се однесува за БиХ и Косово, а другиот исклучиво на поделба на Косово. САД и Европа порачаа дека промена на границите во регионот води кон нестабилност. Во БиХ дури се споменуваше и нова војна доколку се чепне во границите.